Besar Ademi
10 Август 2016•Ажурирај: 11 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) – Камник, дел од Хасанбег која беше една од првите населби погодени од поплавите на 6 август, според кажувањата на жителите од оваа населба, како пред поплавите така и по нив, се запоставени од страна на надлежните органи. Снимките на Anadolu Agenсy (АА) покажуваат дека на третиот ден од поплавите, куќите во овој дел на Хасанбег сè уште се полни со кал, а во дворовите се забележуваат превртени автомобили и огромна материјална штета.
Во Камник каде што сè уште недостасува електрична енергија и вода за пиење, граѓаните се плашат да не се појават болести затоа што живеат во куќи полни со кал и нечистотија. Решат Хусеини, жител на оваа населба се жали дека надлежните органи оваа населба секогаш ја запоставувале а истото е со поплавите.
„Се наоѓаме во една катастрофална состојба, како по цунами. Ние сме многу трауматизирани од оваа поплава. Не ни е помогнато како што треба. Тука беше катастрофа и пред поплавите, политичарите не ни имаат помогнато, ниту сега ниту порано. Се трудиме сами да исчистиме, затоа што надлежните органи знаат само да ни ги земаат даноците”, рече Хусеини.
Од друга страна, 78-годишниот Бесар Азири, кој се обидуваше да ја исчисти својата куќа, истакна дека досега требало куќата да се исчисти, но дека ќе почекаат уште некој ден за да дојде комисијата и да ги процени штетите, во спротивно, вели тој, ќе се ангажира сам во чистењето на куќата.
„Чекаме да дојде комисијата, ако не дојде ќе ја исчистиме сами. Предметите што се внатре веќе не вредат ништо, сите треба да се фрлат. Ако не дојдат уште некој ден, ќе ги отстраниме. Оваа куќа е уништена, има лоша миризба и треба да се гради нова”, изјави Азири.
Назиф Рушити, кој за време на поплавите не бил дома, раскажуваше како неговото семејство останало блокирано со часови во куќата и како немало кој да им помогне. Истакнувајќи дека досега не му е понудена никаква помош од институциите, благодарен е на соседите кои во ноќта на поплавите му го спасиле неговото семејство.
„Во времето кога започнаа врнежите моето семејство било на приземје, водата влегла внатре и достигнала ниво од половина метар. Мојата сопруга заедно со снаата и двете деца се искачиле на покривот и таму останале со часови. Тие не можеа да бараат помош од никого, затоа што телефонската мрежа не работеше. По неколку часови соседите во раце ги извлекле од куќата”, рече Назиф Рушити.
Додека, Авди Исени, кој е невработен, раскажува дека немаат каде да спијат, но се плаши и од појава на болести, поради тоа што трет ден живеат во нечистотија и во куќа полна со кал.
„Куќата ми се наполни со вода. Сите предмети што беа на првиот кат ги однесе водата, а внатре куќата е полна со кал. Сега нема каде да спиеме и немаме каде да престојуваме, а мојата мајка е болна”, изјави Исени.
Камник е првата населба што беше погодена од надојдените води од Скопската обиколница, која е затворена за сообраќај од невремето во саботата, па сè до денес попладне.
Како последица од поплавите во населените места во околината на Скопје, 22 лица го загубија својот живот, додека едно дете сè уште се смета за исчезнато.