Dilara Hamit
28 Септември 2026•Ажурирано: 28 Септември 2026
Двајца љубители на мотоцикли од Северозападна Турција тргнаа на патување долго околу 7.000 километри до Саудиска Арабија, каде што планираат да извршат умра, јавува Анадолу.
Ферух Дуран (50) и Исмаил Бостанџи (55) тргнаа од Дузџе по два месеца подготовки на мотоциклите, опремата и планот за патување.
Дуран околу една година размислувал да отпатува со мотоцикл до Мека, но му бил потребен сопатник. Пред два месеца преку заеднички пријател го запознал Бостанџи, по што двајцата брзо се договориле заедно да го реализираат патувањето.
Пред заминувањето, Дуран го испратиле семејството и жителите на селото Кушачмаси, каде што биле упатени молитви за безбедност на патниците.
Потоа со мотоциклот се упатил кон центарот на градот, каде што се сретнал со Бостанџи пред големата џамија „Меркез“. Облечени со шлемови, ракавици и заштитни јакни, двајцата се качиле на мотоциклите и тргнале кон Мека.
Дуран рече дека неговата страст кон мотоциклите започнала во детството и дека вози околу четири децении.
„За мене мотоциклот е повеќе од превозно средство, тој е страст“, изјави тој за Анадолу.
Дуран рече дека една година ги истражувал процедурите на границите и почнал сериозно да го планира патувањето откако повторно станале можни преминувањата на границата со Сирија со мотоцикли и возила.
„Една година размислував за ова. Го запознав мојот пријател Исмаил пред два месеца и за кратко време ја донесовме одлуката“, рече тој.
Двајцата очекуваат патувањето во правец кон Саудиска Арабија да трае околу три дена. Планираат да влезат во Сирија преку граничниот премин Џилвегозу во Турција, а потоа да продолжат кон Саудиска Арабија.
„Размислуваме да стигнеме до Саудиска Арабија преку Сирија и Јордан, да поминеме низ Либан и покрај Црвеното Море“, рече Дуран.
„Ја купивме облеката за ихрам и мотоциклите ни се подготвени. Ако даде Господ, ќе ја извршиме умрата и ќе се вратиме.“
Дуран призна дека патувањето ќе биде тешко и рече дека мотоциклистите ќе преземат мерки на претпазливост. Тие планираат да ги почитуваат сообраќајните правила и да избегнуваат возење ноќе или по дождливо време.
Бостанџи рече дека околу два месеца се подготвувале за патувањето и дека преку групи на социјалните мрежи побарале совети од мотоциклистите што претходно патувале до Мека.
Тој го опиша возењето мотоцикл како искуство што тешко може да се опише со зборови.
„Како да го опишам? Се чувствуваш како да леташ“, рече Бостанџи. „Тоа те прави неверојатно среќен. Се чувствувам целосно поинаку кога ќе се качам на мотоцикл.“