Safvan Allahverdi
22 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
ВАШИНГТОН
Горниот дом на американскиот Конгрес, Сенатот, усвои додатен пакет со помош во борбата против пандемијата на Ковид-19, во износ од 484 милијарди долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сенатот го усвои предложениот износ на помош откако делегациите на републиканците и демократите кои ги предводеа американскиот министер за трезор, Стивен Мнучин и Чак Шумер, постигнаа начелен договор.
Во согласност со предлогот, американската администрација за помош на малите претприемачи кои се погодени од пандемијата, ќе издвои 350 милијарди долари.
Околу 75 милијарди долари ќе бидат издвоени за помош на болниците, а 25 милијарди долари ќе бидат издвоени за масовно тестирање на Ковид-19.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека ќе ја потпише одлуката за додатните средства штом му дојде на маса, а дотогаш остана само утрешното изјаснување на Претставничкиот дом во Конгресот.
Републиканскиот сенатор Ренд Пол се спротивстави на предложениот додатен пакет со помош за борба против пандемијата.
Тој изјави дека американската власт веќе издвоила 2 трилиони долари за борба против пандемијата и дека додатните пакети само го зголемуваат веќе постоечкиот буџетски дефицит. Тој понатаму тврди дека САД немаат проблем со недостиг на пари, туку дека проблемот е што економијата е запрена.