Ali Cura
29 Октомври 2020•Ажурирај: 30 Октомври 2020
МОСКВА
Во Русија во последните 24 часа се забележани 17.717 лица позитивни на коронавирусот, што претставува рекорден број од почетокот на пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) досега на дневно ниво. Вкупниот број на лица кај кои е детектиран коронавирусот во Русија достигна 1.581.693 заразени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за контрола и превенција на инфекција со коронавирусот во Русија соопшти дека во последните 24 часа бројот на заразени е зголемен за 17.717, што е најголем број за еден ден од почетокот на пандемијата.
Во истиот период починале уште 366 пациенти кај кои било утврдено присуство на коронавирусот. Од почетокот на пандемијата досега оздравеа 1.186.041 лице, од кои 14.740 во последното деноноќие.
Во последните 24 часа во Москва, бројот на заразени е поголем за 4.906 и изнесува 413.928. Во исто време, потврдени се 66 смртни случаи, вкупно 6.644.
Службата за јавно здравје и заштита на потрошувачите соопшти дека во изминатите 24 часа биле направени 553.000 тестови, вкупно 59,2 милиони досега.
Првиот случај на инфекција во Русија е потврден на 31 јануари, а првиот смртен случај на 19 март.
Од вчера во Русија во сила стапи обврската за задолжително носење маски на јавни места, во возила за јавен превоз, такси-возила и во лифтови, како дел од мерките преземени против Ковид-19. Освен во Москва, во целата земја, во периодот од 23:00 до 06:00 часот забранета е работата на центрите за забава, рестораните, ноќните клубови и кафулињата.