Ayhan Şimşek
29 Декември 2021•Ажурирај: 30 Декември 2021
БЕРЛИН
Германија планира наредната година да донира 75 милиони дози на вакцини против Ковид-19 на земјите со низок и со среден приход, соопшти во средата министерката за развој на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за локалните медиуми, Свења Шулц рече дека оваа година Германија даде значителен придонес во платформата за вакцини на Обединетите нации (ОН), „Ковакс“, без да ја поткопа сопствената кампања за вакцинација.
„Но не можеме да запреме тука. Следната година планираме да донираме најмалку 75 милиони дози на вакцини“, изјави таа за „Редакционснецверк Дојчланд“ (Redaktionsnetzwerk Deutschland, RND).
Првичното ветување на Владата за 2022 година е за околу 25 проценти помалку од она што земјата го донира на земјите со низок и со среден приход оваа година.
Светската здравствена организација (СЗО) постојано ги повикува богатите земји да донираат повеќе вакцини против Ковид-19 на платформата „Ковакс“, за да се осигура дека земјите со пониски приходи нема да бидат оставени зад глобалната борба со коронавирусот.
Германија оваа година донира или договорно гарантира над 100 милиони дози на „Ковакс“, но досега помалку од половина од нив стигнаа на нивните дестинации, како последица на оперативни и логистички прашања.
Околу 53 милиони дози во моментот се дистрибуирани или се подготвуваат за испраќање, според Министерството за надворешни работи на Германија.