Emre Aytekin
24 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
ПЕКИНГ (АА) – Новите случаи на коронавирусот Ковид-19 кои се дијагностицирани изминатата недела во Кина потекнуваат од странство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Националната здравствена комисија на Кина, 129 од 135-те нови случаи на коронавирусот што се појавиле во изминатата недела се забележани кај луѓе кои патувале во странство и таму се заразиле со вирусот.
Комисијата исто така соопшти дека 74 од 78-те новооткриени случаи во последните 24 часа се луѓе кои допатувале од странство.
Се забележува дека Кина, која беше земја „извозник“ на епидемијата, започна да „увезува“ случаи на коронавирус.
- Секој што доаѓа во Пекинг од странство, ќе биде тестиран и ќе биде ставен во карантин -
Поради порастот на случаите со Ковид-19 кои доаѓаат од странство, Кина во многу делови од земјата воведе строги карантински мерки за патниците. Летовите што доаѓаат во Пекинг, поради тестирањата на вирусот се насочуваат во други области. Луѓето кои во Пекинг дошле од странство во последните 14 дена, задолжително ќе бидат тестирани и ќе бидат ставени во карантин.
Во последните 24 часа поради новиот вид коронавирус во Кина починаа 7 лица. Вкупниот број случаи забележани во земјата досега достигна до 81.171, а бројот на починати 3.277.