Esat Fırat
05 Јуни 2020•Ажурирај: 06 Јуни 2020
КУДС / ЕРУСАЛИМ
Десетици илјади Палестинци денеска ја спроведоа првата петочна молитва (џума намаз) во џамијата „Ал Акса“ во Источен Кудс (Ерусалим), по затворањето на верските објекти поради ширењето на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џамијата „Ал Акса“ повторно е отворена за верски обреди на 30 мај, а денеска десетици илјади Палестинци ја изведоа првата петочна молитва по пауза од речиси три месеци.
Во Кудс денеска се забележани високи температури на воздухот, а на влезот во „Ал Акса“ имаше голем метеж.
Од Канцеларијата на исламскиот вакаф на Кудс наведуваат дека на влезот во „Ал Акса“ е спроведена дезинфекција на верниците.
Шех Мухамед Селим во хутбата (проповед во рамките на петочната молитва кај муслиманите) рече дека палестинските муслимани денеска уште еднаш „ја освоиле Ал Акса“.
Според податоците на Канцеларијата на исламскиот вакаф на Кудс, на денешната петочна молитва присуствувале околу 50.000 лица. „Ал Акса“, поради ширењето на коронавирусот беше затворена на 22 март, а повторно е отворена на 30 мај.
Комплексот „Ал Акса“ се простира на 15% од површината на јадрото на Кудс (Ерусалим), кој е под изралеска окупација, а претставува точка на соединување на трите најголеми религии во светот.
По џамијата „Месџид ел Харам“ во Мека и „Месџид ел Небеви“ (Џамија на Пророкот) во Медина, „Ал Акса“ е трето по важност свето место за муслиманите.