Doğa Kırmızıoğlu
17 Март 2020•Ажурирај: 18 Март 2020
МАДРИД (АА) - Повеќе од една третина од фудбалерите и членовите на стручниот штаб на шпанскиот клуб „Валенсија“ се заразени со коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од клубот од Местаља е соопштено дека 35 отсто од фудбалерите и членовите на стручниот штаб биле позитивни на тестот на коронавирус, но дека ниту еден заразен во моментот нема симптоми на болеста.
Во соопштението се наведува дека преостанатиот персонал на клубот ќе биде тестиран.
Сите заразени членови на Валенсија се во домашна изолација и се под лекарски надзор.
Валенсија на 17 февруари на стадионот „Сан Сиро“ во Милано го играше мечот од Лигата на шампиони против Аталанта, а организаторите на мечот не презедоа мерки за превенција од коронавирусот.
„Кратко по тој натпревар, Милано беше прогласен за место од висок ризик поради коронавирусот. Сметаме дека затоа голем број од нашите фудбалери и стручниот персонал се заразени со вирусот“, се наведува во соопштението на Управата на Валенсија.
Аргентинскиот фудбалер Есекиел Гарај и францускиот интернационалец Елијакуим Мангала се први фудбалери на Валенсија што во текот на изминатиот викенд беа позитивни на тестот на коронавирус.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан, а потоа се прошири во 150 држави и територии во светот. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија поради Ковид-19.