Elena Teslova
13 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
МОСКВА (АА) - Русија денес регистрира 780 смртни случаи од коронавирусот во изминатите 24 часа, што е уште една највисока дневна бројка од почетокот на пандемијата, со што бројот на починати од Ковид-19 во земјата достигна 144.492, јавува Агенција Анадолија (АА).
Властите соопштија дека неодамнешниот наплив на случаи и порастот на бројот на починати во земјата се должи на делта-сојот, за кој се смета дека е позаразен и потежок за лекување.
Руската работна група за коронавирусот во својот дневен извештај соопшти дека во изминатиот ден регистрирани се 24.702 нови случаи, зголемувајќи го вкупниот број на досега заразени на 5,83 милиони, а бројот на активни случаи на 452.469.
Евидентирани се вкупно 5,23 милиони оздравени лица, со 19.566 излекувани во изминатите 24 часа.
Во јуни, официјалните претставници во неколку руски региони, вклучувајќи ја и Москва и нејзината околина, наредија задолжителна вакцинација за вработените во различни сектори и воведоа казни за непридржување до вакцинацијата.
Најавени се дополнителни мерки во Москва, меѓу кои и ограничувања при посетата на ресторани, места за забава и спортските објекти.
Во главниот град во јули беа воведени повеќе мерки за да се спречи порастот на случаите, меѓу кои и задолжителна изолација и ПЦР-тестови за луѓето што имаат симптоми слични на грип.
Официјалните претставници подготвуваат резервни опции за да спречат криза во здравствениот систем. Сепак, карантинот и затворањето на земјата се сметаат за последна опција со примена само доколку другите мерки не успеат.