Ali Kemal Akan
07 Април 2020•Ажурирај: 08 Април 2020
АНКАРА
Генералното собрание на Големото народно собрание на Турција се собра под претседателство на заменик-претседателот на Парламентот Левент Ѓок, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералното собрание започна со работа на повеќе теми во рамките на борбата против новиот тип на коронавирусот (Ковид-19). Заменик-претседателот на Парламентот Ѓок со Генералното собрание претседаваше со маска на лицето, а во Парламентот маски на лицата имаа и пратениците, вработените во Големото народно собрание на Турција и претставниците на медиумите. Седницата на Генералното собрание се одржа во согласност со воспоставеното социјално растојание, оставајќи празни столчиња меѓу пратениците. Освен тоа, во редиците во кои седеа пратениците беа оставени шишенца со колонска вода. Пратениците не ги тргаа своите маски ниту при своите обраќања од бината или од своите места.
Претседавачот со седницата Ѓок во свое обраќање истакна дека Турција, како и останатите земји од светот се бори против еден невидлив непријател, но се труди да не потклекне во таа борба. Ѓок истакна дека овој непријател кој е именуван како Коронавирус, не прави разлика меѓу луѓето, додавајќи дека тој претставува закана за секој кој е невнимателен.
Во согласност со соопштението што го даде Комитетот за наука на Турција, задолжително е да се носи маска во затворените простории, маркетите, автобусите и додаде:
„Тоа е реалноста. И ние, како пратеници во Големото народно собрание на Турција, на должност сме во затворена просторија и лице во лице се соочуваме со заканата од коронавирусот. Поради здавствената безбедност, пратениците кои тука се на должност, принудени се да носат маски и да одржуваат социјална дистанца. Како претседавач со Парламентот соопштувам дека отсега активностите во паламентот ќе се одвиваат со заштитни маски на лице.
Нашите пратеници активностите во Парламентот што се значајни за нашето општество, ќе ги извршуваат со маски на лицето, одржувајќи социјална дистанца. Потребно е ние да бидеме пример за општеството. Отсега активностите во Парламентот ќе ги извршуваме многу повнимателно, преземајќи превентивни мерки, многу повеќе од логиката дека јас нема да се заразам, бидејќи секој може да биде заразен. Затоа ќе продолжиме со нашите активности, преземајќи ги сите потребни мерки. Ги молам пратениците, без исклучок, кога доаѓаат на седница на Генералното собрание да носат маски.“
По своето обраќање, Ѓок им даде збор на тројца пратеници надвор од дневниот ред.