Senada Ibraimova
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во ГЕМ клубот во Скопје се отвори традиционалниот мал новогодишен саем на книга, кој веќе седма година по ред го организира издавачката куќа „Темплум“, јавува Anadolu Agency (AA).
Малиот новогодишен саем на книга се одржува веќе седум години по ред и на истиот покрај издавачката куќа „Темплум“ учествуваат околу десетина издавачи. Годинава земаат учество околу осум издавачи меѓу кои Бегемот, Готен, Блесок, Слово, Кликер и Сигма Прес.
Целта на овој настан е да се промовираат книги, а посетителите ќе имаат можност да уживаат во читањата кои се предвидени од извадоци од книги, како и да купат книга по пониска цена.
Претставникот на издавачката куќа Темплум, Никола Гелевски, кој воедно е и организатор на настанот во својата изјава рече дека овој настан го организираат секоја година и е на еден начин веќе традиција преку која посетителите, критичарите и писателите се запознаваат со новите автори, а и имаат можност да се сретнат меѓу себе и да разменуваат идеи.
Саемот ќе трае четири дена, а за секој ден е предвидена различна програма, како промоција на книги, читање и доделување на награди. Вечерва следи промоција на книгичките од едицијата „Друга приказна".
„Конкретно вечерва почнуваме со настанот промоција на четири мали книги тоа е една нова едиција. Сакаме и на тој начин книжевноста да ја приближиме со некакви мини форми и многу мали пари, овие ќе се продаваат за 30 денари“, рече Гелевски.
Саемот ќе биде отворен за посетителите од 26 – 29 декември од 11 – 21 часот, а на 27 Декември до 17 часот.