Gültekin Yetgin
09 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Хусеин Чалик, кој повеќе од половина век им ги поправа чевлите на сограѓаните во турскиот град Гиресун, на ѕидовите на својот дуќан ги закачува фотографиите на починатите пријатели, муштерии и роднини, со цел никогаш да не бидат заборавени, пишува Анадолу.
Чалик, кој почнал како чирак во областа Ејнесил во 1971 година, отворил свој дуќан по десетгодишно учење на занаетот. Веќе 55 години со иста страст ја работи професијата, но она што го прави посебен е неговата почит кон оние што повеќе не се меѓу живите.
Во својот мал дуќан со посебно внимание ги врамил и ги изложил фотографиите на пријателите занаетчии, верните муштерии и најблиските роднини.
Во изјавата за дописникот на Анадолу, Хусеин Чалик раскажува дека по завршувањето на основното училиште работел како овчар на планините.
По неколку години се заинтересирал за чевларскиот занает кој како чирак го учел шест години, а по отслужувањето на воениот рок отворил свој чевларски дуќан што го води до денес.
- Секоја од 20-те фотографии на неговите ѕидови носи посебна приказна -
И покрај тоа што има 68 години неговиот работен ден сè уште почнува пред изгрејсонце.
„Уште од чирак по утринската молитва веднаш доаѓам овде. Ќе се напијам чај или ќе доручкувам чорба во дуќанот и почнувам со работа. Ако не ја сакав оваа работа, немаше да издржам толку долго“, вели Чалик.
Меѓу фотографиите закачени на ѕидовите на дуќанот се неговите колеги занаетчии, муштерии и роднини, а секоја фотографија раскажува уникатна приказна.
Вели дека секоја фотографија претставува посебен спомен, а кога ќе ги погледне, срцето му се полни со тага, но и со убави сеќавања на минатото.
Раскажа дека луѓето што ги гледаат фотографиите се изненадени: „Некои прашуваат: 'Кои се овие луѓе?', а некои, пак, ми велат: 'Добро си направил, еден ден закачи ја и мојата слика.' Тоа ми го исполнува срцето.“
Во светот што брза и лесно заборава, Хусеин Чалик останува во својата чевларска работилница како тивок стражар на спомените. Неговата порака е - сè додека овој дуќан ги држи отворени своите порти, неговите пријатели нема да исчезнат во заборав.