Admir Fazlagic
17 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на 44. Мајски оперски вечери во Скопје, вечерва е изведена операта „Риголето” на италијанскиот оперски композитор Џузепе Верди, јавува Anadolu Agency (AA).
Вердиевата опера во три чина „Риголето“ е приказна за трагичната судбина на дворскиот шут и неговата ќерка Џилда.
Во улогата на Риголето настапи Карлос Алмагуер Вилалобос од Мексико, во улогата на Џилда настапи Зана Абази-Рамадани од Косово, додека улогата на Војводата од Мантова му припадна на Михаил Михајлов од Бугарија.
Владимир Саздовски беше задолжен улогата на Спарафучил, Вишња Радосав настапи во улогата на Мадалена, Монтероне го отпеа Васко Здравков, Гроф Чепрано Диме Петров, а улогата на Грофица Чепрано и припадна на Биљана Јосифов. Освен нив, за улогата на Маруло беше задолжен Кристијан Антовски, Дарко Нешковски за улогата на Борса, Ана Ројдева- Талевска настапи како Џована, Десанка Глигоријевиќ како Паж, а офицерот го отпеа Невен Силјановски.
Диригентската палка е на гостинката од Италија Џанлука Марчиано, режијата на Нина Најденова од Бугарија, сценограф е Живојин Трајановиќ , а за костимите беше задолжена Марија Папучевска.
Вечерва заедно настапија хорот, оркестарот и балетскиот ансанбл на МОБ.
Инаку ,годинешните „Мајски оперски вечери“ вклучуваат 15 настани - 10 за возрасна публика, а пет во придружната програма „Мали мајски оперски вечери“. Публиката, покрај „Евгениј Онегин“, и вечерашната „Риголето“, ќе има можност да ги чуе и „Хофманови приказни“, „Турандот“ и Вердиевата „Аида“ со која традиционално на 31 мај се затвораат „Мајските оперски вечери“.