Edıta Zekjırovıc
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Со концертот насловен „Вечер на лирски песни“, во Куршумли ан, во Старата скопска чаршија, започна 15-тото издание на мултикултурната манифестација „Звуците на чаршијата“, организирана од Културно-информативниот центар (КИЦ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Манифестацијата започна со концертот насловен „Вечер на лирски песни“ од „Тројца тенори“, трио што го сочинуваат Јосиф Ѓипали, Кастриот Туша и Мустафа Имери. Настапуваше и Оркестарот на Македонска опера и балет (МОБ), а во рамките на манифестацијата се одржа и меѓународната изложба „Арт симпозиум – Струга“.
На настанот присуствуваше градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, градоначалникот на Елбасан во Албанија, Гледијан Латја, како и директорката на КИЦ, Сермине Пурини.
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, потсети дека културната манифестација „Звуците на Чаршијата“ е традиција веќе неколку години. Тој им се заблагодари на учесниците на манифестацијата истакнувајќи дека со нивните настапи ја збогатуваат програмата.
Традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“ чија цел е да ја заживее чаршијата преку различни културни активности започна денес, а ќе трае до 17 септември.
На 16 септември активностите продолжуваат со настаните насловени како „Улични музичари“ и „Две флејти“, концерт на соло и гитара, како и концерт на гудачки квартет. Ќе се реализираат и литературните манифестации „Секоја калдрма со своја приказна“ и „Поетски бисери“, а концерти ќе одржат Амар, Леонора Полоска и Бенд, Лаура Карлиу и Шпенд Латифи и Бенд, ATA Бенд и Валон Сума.
На 17 септември, под Кале ќе се реализира проекција на отворено на филмот „Една приказна од Приштина“ во режија на Бурбуќе Бериша.
„Звуците на чаршијата“ започна да се организира во 2006 година и е проект кој е поддржан од Град Скопје, Министерството за култура и Општина Чаир. Во изминативе години на манифестацијата учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата - мултикултурноста.