Admir Fazlagic
05 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на државниот врв предводен од претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, министерот за одбрана на Зоран Јолевски, како и членот на Претседателството на БиХ Младен Иваниќ кој е во работна посета во Македонија, дипломатскиот кор во земјата и многубројните претставници на владини и невладини организации и институции вечерва во Македонскиот народен театар во Скопје се одржа вечер на босанската култура, насловена „Дружење со пријателите" во организација на Амбасадата на Босна и Херцеговина во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорката на БиХ во Скопје, Лепа Бабиќ во име на организаторот на културната вечер им се обрати на присутните заблагодарувајќи им се на претставниците на македонските институции за помошта и соработката во подговотвите за оваа вечер. Амбасадорката Бабиќ изрази и увереност дека публиката ќе ужива во подготвените содржини.
„Желба ни e на македонската публика да и претставиме барем еден мал дел од богатото културно наследство на Босна и Херцеговина и на нејзиниот народ, како и преку културата да дадеме мал придонес во зачувувањето на традиционално добрите врски помеѓу Босна и Херцеговина и Република Македонија и граѓаните на двете земји", истакна босанско-херцеговската амбасадорка Бабиќ.
Веднаш по нејзиното обраќање настапи актерот Небојша Кундачина со стихови од поетите Алекса Шантиќ и Јован Дучиќ. Преостанатиот дел од вечерта публиката имаше прилика да го проследи настапот на сараевската група „Диванхана“ која изведе босански љубовни песни- севдалинки.
Во неколку наврати публиката и бендот пееја во еден глас, присетувајќи се на севдалинките и другите народни песни од земјите од регионот.
Диванхана изведува традиционална музика во нови аранжмани кои настанале со влијането на џезот, поп, и класичната музика од 20 век. Намерата на бендот е да ја негува и презентира не само урбаната традиционална музика од БиХ, туку и традиционалната музика од земјите од Балканот, со посебен и внимателен осврт на севдалинката.