Ivana Ramadanova
24 Ноември 2017•Ажурирај: 25 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје денеска и утре го организира 19. Меѓународен симпозиум за балкански фолклор на темата „Традиција и современост во фолклорот на балканските народи“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателката на Организацискиот одбор, Катерина Петровска-Кузмановска, на овој симпозиум учествуваат шеесет и пет проучувачи на фолклорот кои во неколку сесии ќе дискутираат за различни аспекти на народното творештво како: фолклорот во современиот популарен дискурс, народните верувања и нивниот одраз во книжевните дела, синтаксичката структура на народните умотворби, елементите на фолклорен театар во обредите под маски.
„Особено ни е драго што доаѓаат наши колеги со кои имаме трајна соработка. Со нив два дена ќе дебатираме на различни теми од областа на фолклористиката, етнологијата, етномузикологијата, материјалната култура и ќе ги сумираме сите тие резултати во два зборника, бидејќи следната година е 50-годишнина од објавувањето на првиот број на 'Македонски фолклор'", истакна Петровска-Кузмановска.
На отворањето на симпозиумот настапи ансамблот „Македонија“, кој е составен од студенти од Катедрата за етнокореологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, од насоката за традиционална музика и игра. Ансамблот има околу 40 членови - инструменталисти, пејачи и играорци кои професионално го изучуваат фолклорот.
На денешниот настан изведоа игри од пределот Пијанец. До 2008 година симпозиумот се одржуваше во Охрид, а од минатата година во Скопје.
На Институтот за фолклор има постдипломски и докторски студии. Интересот не е многу голем, се запишуваат од еден до најмногу четворица во една година.
Инаку, учесници на симпозиумот се проучувачи на фолклорот од Македонија, Бугарија, Србија, Косово, Грција и Русија.