Ekip
26 Август 2022•Ажурирај: 30 Август 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија потпиша договор со Нигерија за враќање на сопственоста на над 500 ограбени бронзени артефакти од Бенин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Договорот помеѓу Фондацијата за пруско културно наследство и Националната комисија за музеи и споменици на Нигерија, потпишан во четвртокот, ќе овозможи речиси една третина од артефактите да останат во германските музеи на заем, додека останатите ќе бидат вратени во Нигерија, почнувајќи од крајот на оваа година.
„Ова ја претставува иднината во врска со проблемот со артефактите; иднина на соработка меѓу музеите, иднина на соодветна почит и достоинство на легитимните барања на другите нации и традиционални институции“, рече Аба Иса Тијани, генерален директор на Националната комисија за музеи и споменици на Нигерија.
Германската министерка за култура, Клаудија Рот, ги повтори сличните ставови, додавајќи дека „дополнителни договори за враќање на таквите колекции ќе следуваат во текот на следните месеци“.
„Ова враќање ќе послужи како пример за сите музеи во Германија кои имаат збирки од колонијален контекст“, рече таа.
Парчињата се софистицирани плакети и скулптури направени од бронза, важен жанр на уметноста што датира од 13 век.
Артефактите биле украдени од Кралството Бенин, лоцирано во денешна Нигерија, од британски војници во 1897 година и завршиле во музеите низ Европа. Илјадници предмети, исто така беа испратени во Лондон како воен плен и беа продадени.
Со децении, европските земји беа под притисок од активисти и поранешни колонии да ги вратат ограбените артефакти.
Некои експерти проценуваат дека 80-90 отсто од културното наследство на Африка моментално се наоѓа во европските музеи.
Новиот берлински музеј, Форумот „Хумболт“, е во центарот на дебатата околу предметите од колонијалната ера - околу 20.000 африкански и азиски артефакти - во неговите изложбени сали.
Франција, исто така, минатата година потпиша договор за почеток на репатријација на некои артефакти украдени за време на нејзиното колонијално владеење над западноафриканската земја Бенин.