Medin Halilovic
20 Декември 2015•Ажурирај: 21 Декември 2015
НОВИ ПАЗАР (АА) - Есад Чековиќ е слободен уметник кој живее на улица, со вешти и прецизни движења на прстите, со талогот од кафето во филџанот го црта светот. Чековиќ поради фобија од затворен простор веќе пет години живее на „отворено“ во Нови Пазар. Кој и да ја види неговата уметност останува без текст, бидејќи со своите цртежи сè повеќе го привлекува вниманието на тамошната јавност.
Додека љубопитните минувачи гледаат во дното на филџанот, во рацете на овој слободен уметник, Есад го затекнуваме како низ зраците на декемвриското сонце седи на бетонот покрај магистралата и Јошаничкиот кеј, во близина на зградата на Државниот универзитет.
На камерите веќе навикнал, иако премрзнат од поминатата ноќ на улица, остава впечаток на скромност и покажува што нацртал утринава.
Веднаш ни оддава впечаток дека е тивок и од прекривката од кеси со смрзнати раце ни покажува дека кај себе има и бои со кои прави цртежи.
„Со години се занимавам со „мачкање“ (како што го нарекува сликарството). Најмногу „мачкав“ ѕидани (згради), во црвена, зелена и сина боја. Ливади, цвеќиња“, рече Есад запрашан од кога се занимава со уметност.
Додава дека во последнава година дневно прави по една слика во шолјата во која пие кафе.
На наше инсистирање се согласува да испие уште една и да нацрта уште еден цртеж во талогот на филџанот. Граѓаните, особено оние кои го познаваат, приоѓаат и со мобилните телефони документираат уште едно дело на Есад. Соседите кои му даваат храна, а кои живеат во близина носат слики на хартија, со различна големина кои уште на прв поглед оставаат впечаток дека станува збор за уметнички дела.
На сликите на Есад Чековиќ во филџанот, воглавно, се прикажани ликови на жени, пејсажи, бродови, мостови, разни објекти, но и панорама на градот. Додека престојуваше во близина на парната пекара во Нови Пазар добивал редовно кифли и пецива, а тој за возврат ја нацртал зградата на пекарата. Сопственикот на пекарата ја држи таа слика врамена на ѕидот. Инспирација за женските ликови му е, велат оние кои редовно го „следат“, една од работничките на локалот за брза храна во чија близина седи.
Како што раскажа еден сосед пред чиј локал обично седи „Мачкачот од Жабљак“, тој не „гледа“ во филџанот и не пророкува судбина, туку преку слика претставува нечие минато или животна судбина. Многу луѓе во своите мобилни телефони имаат негови слики, па, до скоро, уметникот без име, стана хит на интернет.
Со зборовите „во филџан од кафе може да ви нацрта што ќе посакате“, новопазарците се восхитуваат на неговите слики и ги разменуваат на социјалните мрежи.
- Поттекнува од имотно семејство, но бега од дома -
Нада Шчекиќ-Зилкиќ, веќе пет години, заедно со уште една соседка, се грижи за него давајќи му храна и облека. Како што наведува, јасно е дека тој има некое пореметување, но и дека е личност со посебна надареност.
„Со оглед на неговиот живот и ситуација, јас му помагам. Жал ми е за него. Гледам дека многу убаво црта, дека поседува интелегенција, дека е уметник. Би сакала да му се помогне“, истакнува Нада која живее во близина на местото каде што Есад престојува навечер.
Според зборовите на членовите на семејството Чековиќ, родум од Деврече, Пештер. Есад порано со фамилијата живеел во тетово (Македонија) и завршил економско училиште. Пред извесен период, по вработувањето во централна Србија, овој педесетгодишник имал здравствени проблеми и оттогаш живее како бездомник.
Поради фобија од затворен простор тој живее на улица, иако фамилијата му е во добра финансиска состојба. Пред пет години отишол кај вујкото во Нови Пазар, но ниту тој, како ни неговиот имоќен брат не успеваат да го задржат дома.
Полицијата во неколку наврати го водела во безбедни куќи и прифатни центри за незгрижени лица во Белград, но тој бегал оттаму и се враќал во Нови Пазар. Есад не проси и не бара пари, граѓаните го наградуваат кога ќе видат колку е награден, а тој и понатаму создава дела во филџанот.