Kemal Zorlak
21 Мај 2017•Ажурирај: 21 Мај 2017
САРАЕВО (AA) – Театарската претстава „Име" во изведба на Театар комедија од Скопје е прогласена за најдобро остварување на Првиот фестивал на театарската комедија „Насмевката на Сараево", кој е завршен во сабота, јавува Anadolu Agency (AA).
Сараевската публика во последните девет дена имаше прилика да ужива во претставите на реномираните театри од целиот регион, а во последната ноќ од фестивалот, на сцената на Босанскиот културен центар (БКЦ) одиграна е претставата „Дамите бираат", на сараевскиот театар Алтеатар, во режија на Адмир Гламочак.
За најдобра претстава прогласена е претставата „Име" на Театар комедија од Скопје, титулата најдобар актер ја понесе Атанас Атанасовски, за улогата Виктор во претставата „Име", титулата најдобра актерка ја поделија Јасна Жалица, за улогата Карен Наш во претставата „Хотел Плаза" на Народниот театар Мостар, и Николина Јелисавец, за улогата Станимирка во претставата „Цело тело, тука ме боли" на Градскот театар Јазавац од Бања Лука.
За најдобар млад актер прогласен е Емир Сејвиќ, за улогата Рој Хублеј во претставата „Хотел Плаза" на Народниот театар Мостар, додека наградата за најдобра млада актерка отиде во рацете на Ани Марас Хармандер, за улогата на Маја Самарџиќ во претставата „Уставот на Република Хрватска" на сатиричниот театар Керемпух од Загреб.
Специјалната награда на жирито доделена е на Нада Вукчевиќ и Бранимир Поповиќ за партнерската игра во претставата „Урнебесна трагедија" на Црногорскиот народен театар од Подгорица.
Во текот на девет дена од фестивалот прикажани се претставите „Устав на Република Хрватска" на сатиричкиот театар Керемпух (Хрватска), „Струјосек" на Ателје 212 (Србија), „Урнебесна трагедија" на Црногорскиот народен театар (Црна Гора), „Сомнително лице" на Хрватскиот народен театар Осијек (Хрватска), „Име" на Театар комедија Скопје (Македонија), „Хотел плаза", на Народниот театар Мостар (БиХ), „Одумирање на медведот" на Народниот театар Ужице (Србија) и „Цело тело, тука ме боли", на театарот Јазавац (БиХ).
Натпреварувачкиот жири го сочинуваа актерката Татјана Шојиќ, актерот и професор на Академијата на сценските уметности Ален Муртовиќ и актерката Амра Капиџиќ. По секоја од претставите одржани се и тркалезни маси кои ги водеше Алмир Имширевиќ, драмски писател, предавач на Академијата на сценските уметности во Сараево и шеф на Одделот за драматургија.