Elena Teslova
22 Септември 2019•Ажурирај: 23 Септември 2019
МОСКВА (АА) - Отворен пред околу 30 години, московскиот Театар на мачки е единственото место во светот што во своите претстави има мачки како „актери“.
Во театарот, мачките возат велосипед, одат по жица и други акробатски реквизити, а најголемите sвезди на Театарот на мачки уживаат во луксузно сместување и имаат посебен третман.
„Мачка никогаш нема да стори ништо под притисок, но можно е да се направи „договор“ со мачките, користејќи ги нивните природни способности и потреби. И, ако има љубов и заемно разбирање... Во принцип, љубовта и почитта даваат повеќе од една банална обука. Невозможно е да се казни мачка зад сцената, а потоа да се натера да изврши трикови на сцената. Со мачките тоа не функционира“, вели Дмитри Куклачев, заменик уметнички директор на театарот, во разговор со Anadolu Agency (АА).
„Идејата за создавање театар за мачки се појави пред многу години, кога сега уметничкиот директор на театарот, Јури Куклачев, ја почнувал својата кариера како циркуски кловн и бараше свој сопствен потпис, свој пресврт како ѕвезда“, вели неговиот син Дмитри Куклачев.
„Еден ден нашол маче, било многу комуникативно, весело. И за време на повикот од зад завесата, се случи да излезе со мачето на рамото. Увидел дека гледачите топло реагираат на тоа. Така, тој започна да развива трикови со мачки, и по 20 години во циркусот го основа својот театар“, вели Дмитри.
„Во нашиот театар имаме 12 различни претстави. Го кажувам тоа гордо бидејќи за разлика од драмските театри, во нашиот случај, потребни ни се 4-5 години за да претставиме ново шоу", вели уметникот.
Потребно е околу една година за да се подготви нов изведувач, од неговото прво појавување во театарот до влезот на сцената. Мачките треба да поминат низ два кастинга, прво, талент, а потоа и тестови, потврдувајќи го нивното добро здравје бидејќи треба да живеат во театарот.
„Мачка мора да поседува различни таленти, мора да биде игрива, љубопитна, слободна. Како знаеме дека е таква? На прво место, таа треба да се чувствува како господар. На пример, откако е донесена тука, треба да истражи сè, да душка. Тоа е знак на иден уметник. Не сите животни ги имаат овие својства. По поминувањето на кастингот за талент, мачките се подложени на физички преглед. Им се прави анализа на крвта за 8 различни болести. Околу еден месец миленичето живее во карантин, одделно од другите мачки. Ако сите анализи се чисти, тогаш по 2-3 недели, ќе почнеме да ги приспособуваме на остатокот од мачките. Ако не, тогаш ги вдомуваме во добри раце“, вели Дмитри Куклачев.
На почетокот, театарот наоѓаше нови „уметници“ насекаде, на улиците и во засолништата за мачки. Сега, како што семејството во театарот порасна, повеќето од актерите се од одредена лоза мачки.
„Пред околу 4 месеци имавме 17 мачиња, 8 од нив останаа во театарот. Секое од нив изведуваше свој трик. Моја задача е да ги забележам вештините, да ги развивам, така што мачката да обожава да го извршува истиот трик“, рече Куклачев.
Театарот има свои водечки изведувачи и sвезди. Еден од нив е мачорот Борис, познат во Русија по рекламирањето храна за мачки.
Кога мачките ќе остарат, тие остануваат во театарот, каде што и понатаму се добро згрижени.
„Платата на нашите мачки е нивното добро расположение, доброто однесување, вкусната храна и удобната старост“, вели Дмитри Куклачев.