СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во своето обраќање до јавноста вечерва изјави дека донел одлука да не го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците, којшто беше изгласан во Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање претседателот Иванов потсети дека на 11 јануари оваа година, Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазиците, забележувајќи дека законот е изгласан без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата.
„Уште пред да биде изгласан, во повеќе наврати укажав дека не е добро кога прашања кои се веќе апсолвирани повторно да се отвораат заради добивање на краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ", рече Иванов.
Потсети дека во своето последно годишно обраќање потенцирал дека овој закон е донесен со европско знаменце, без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата.
„Со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност. Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија", истакна претседателот Иванов во своето обраќање, при што додаде дека со Законот за употреба на јазиците се фаворизира само албанскиот јазик.
„Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик", рече Иванов и ги наведе неколку причини поради кои, како што рече, одлучил да не го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците.
„Затоа, имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската и пошироката јавност за противуставноста на овој закон, а врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците", објасни Иванов.
Во своето обраќање, претседателот Иванов информираше дека упатил писмо до Собранието на Република Македонија со кое информира дека не го потпишал указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците и додаде дека во прилог на тоа писмо се наоѓа и деталното правно образложение на неговата одлука.
На крајот од обраќањето, ги повика пратениците на Собранието на Република Македонија внимателно да ги разгледаат неговите забелешки. Иванов порача дека очекува од пратениците одговорно и совесно да постапат, затоа што, како што рече, само така ќе се дојде до сеопфатно решение за вистинско унапредување на употребата на јазиците, без притоа да се создаваат поделби.
Потсетуваме, на 11 јануари Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазици. Според законот, се предвидува во сите државни органи на Република Македонија, покрај македонскиот јазик, официјален јазик да биде и јазикот кој го говорат 20 отсто од граѓаните во Македонија и неговото писмо, во случајот албанскиот јазик.
news_share_descriptionsubscription_contact
