Besar Ademi
23 Септември 2016•Ажурирај: 24 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Макеоднија Трајко Вељаноски денес оствари прва протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Република Грција во Република Македонија, Димитрис Јанакакис. Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата и надеж за успешна соработка во иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
Како се наведува во соопштението од кабинетот на Вељаноски, тој го информирал амбасадорот Јанакакис за неодамнешната прва официјална билатерална средба со претседателот на Парламентот на Република Грција, Николаос Вуцис која се случи во рамките на Европската конференција на претседатели на парламенти во Стразбур.
„Двајцата соговорници се согласија дека има голем напредок во подобрувањето на односите помеѓу двете држави за што сведочат почестите средби на високо ниво. Претседателот Вељаноски истакна дека стои на располагање за идна подлабока парламентарна соработка која би помогнала во градењето на подобри севкупни односи меѓу двете земји и би придонела за зголемување на довербата помеѓу двата народи", пишува во соопштението.
Се наведува дека амбасадорот Јанакакис изразил задоволство што доаѓа на мандат во Република Македонија кога има значајно приближување во односите помеѓу двете држави што смета дека е резултат на мерките за градење на доверба.
„Двајцата соговорници истакнаа дека Република Македонија и Република Грција имаат многу заеднички сфери на интерес на кои може да се соработува за максимално искористување на европските фондови и подобрување на економската состојба во двете земји", стои во соопштението.
Соговорниците разговарале за актуелната политичка ситуација во двете држави и предизвиците со кои се соочуваат во однос на справувањето со мигрантската криза. Претседателот Вељаноски истакнал дека е потребна заедничка реакција за подеднакво да се поднесе товарот за што е потребно да се води принципиелна политика.
На крај на средбата, претседателот Вељаноски на амбасадорот Јанакакис му посака успех во новиот мандат и желба да понесе добри впечатоци од Република Македонија.