Zülfiya Yakup
07 Март 2016•Ажурирај: 08 Март 2016
ПРИШТИНА (АА) - Министерот за одбрана на Република Хрватска, Јосип Буљевиќ, ја започна денес службената посета на Република Косово. Тој е дочекан со воена церемонија во касарната на Безбедносните сили на Косово (БСК) „Адем Јашари” во Приштина, каде што беше примен од страна на министерот на БСК, Хаки Демоли, јавува Anadolu Agency (АА).
На заедничката конференција за новинарите, министерот Буљевиќ вети дека Хрватска, како членка на НАТО и ЕУ, ќе го поддржи Косово на неговиот пат кон евроатланските интеграции, а пријателските односи ќе ги подигне на братско ниво.
„Целта ни е да создадеме мозаик на држави во Југоисточниот дел на Европа кои ги негуваат евроатланските вредности, а тука Косово го гледаме како значаен фактор. Примерот на Црна Гора и нејзиниот напредок на патот кон НАТО нè радува. На тој пример се гледа дека трудот се исплати. Би сакал Косово да оди во таа насока што е можно поуспешно и побрзо, а во тој правец ќе имате поддршка од Министерството за одбрана на Република Хрватска”, рече тој.
Министерот Буљевиќ, високо го оцени напредокот на Безбедносните сили на Косово, порачувајќи дека Хрватска ќе ја поддржи трансформацијата на БСК во Вооружени сили на Косово.
„Она што можам да го кажам во име на Република Хрватска е дека ние сакаме таа трансформација да се заврши што побрзо и поуспешно. Мислам дека косовските сили се многу квалитетни. Преку меѓусебната соработка се уверивме во тоа и наш став е колку побрзо таа трансформација се случи, толку подобро”, рече хрватскиот министер.
Косовскиот министер на Безбедносните сили, Хаки Демоли, истакна дека е почестен што министерот Буљевиќ во првата своја посета на одредена држава, по преземањето на должноста, го избрал Косово. Демоли ја нагласи важноста на соработката со Хрватска која игра важна улога во зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот на Балканот и безрезервно го поддржува развојот на БСК во сите аспекти.
„Благодарејќи на Меморандумот за соработка што го имаме, од минатата година почнавме да праќаме по двајца кадети на студии на Воената академија во Хрватска. Исто така, благодарејќи на таа соработка испративме голем број офицери кои се обучуваат на воените колеџи и други воени институции во Хрватска, што значи дека Министерството за одбрана на Хрватска дава голем придонес во школувањето на нашите кадри”, истакна министерот Демоли.
Министерот за одбрана на Хрватска, Јосип Буљевиќ во Приштина ќе се сретне и со претседателката на Косово, Атифете Јахјага и премиерот Иса Мустафа. Освен наведената средба, министерот Буљевиќ во текот на дводневната посета на Косово ќе го посети и главниот штаб на КФОР во Приштина, каде што ќе разговара со командантот на КФОР, генералот-полковник Луиџи Миљета, а потоа ќе се сретне и со хрватските војници - припадници на Вооружените сили на Хрватска, распоредени во мисијата на КФОР во Косово.