Diyar Güldoğan
19 Декември 2017•Ажурирај: 20 Декември 2017
ДАКА (АА) - Турција ќе продолжи да ја пружа неопходната поддршка за араканските бегалци (Рохинџа), истакна денес турскиот премиер Бинали Јилдирим, јавува Anadolu Agency (AA).
„Како Турција, од самиот почеток се обидуваме да бидеме активни по прашањето за олеснување на маката што ја имаат околу 10 милиони бегалци, кои се борат да се одржат во живот во тешките услови, до целосно постигнување на политичко решение“.
„Ние ќе продолжиме да го даваме потребниот придонес и поддршка, според упатствата на премиерката на Бангладеш и на владата на Бангладеш“, рече Јилдирим на прес-конференцијата одржана со премиерката на Бангладеш, Шеик Хасина, во главниот град Дака.
Јилдирим ја повика меѓународната заедница, особено ОН, да престанат да го гледаат прашањето за Рохинџа муслиманите како да е проблем само на Бангладеш.
„Таа (меѓународната заедница) треба да делува поактивно во однос на прашањата за хуманитарната помош како и за политичкото решение“, додаде тој.
Според ОН, од 25 август, над 656.000 Рохинџа муслимани преминале од западната мјанмарска држава Аракан во Бангладеш.
Бегалците бегаат од воените операции во кои безбедносните сили и будистичките банди убиваат мажи, жени и деца, ги ограбуваат домовите и ги запалија селата на араканските муслимани.
Турција е прва во обезбедувањето помош за бегалците Рохинџа, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го покрена ова прашање во ОН.
- Најпрогонуваниот народ -
Муслиманите Рохинџа, од ОН окарактеризирани како најпрогонуваниот народ во светот, се соочија со големи стравувања од напади, со оглед на тоа што десетици беа убиени во насилствата во 2012 година.
Јилдирим потсети дека турскиот претседател Ердоган во 2010 година го посети Бангладеш, но тогаш во функција на турски премиер.
„По седум години, повторно сме тука за понатамошно развивање на нашите билатерални односи, како и да ги посетиме бегалците Рохинџа и да им ја пружиме потребната поддршка“, рече Јилдирим.
Премиерот утре ќе го посети кампот Мајнерхона, на околу 40 километри од југоисточниот град Кокс Базар, за да направи увид во хуманитарните активности што ги спроведуваат турските невладини организации.
Јилдирим ѝ се заблагодари на премиерката на Бангладеш, Хасина, за нивната суштинска поддршка и посветеност“ кон муслиманите Рохинџа.
„Во исто време, им честитам за успехот во меѓународната дипломатија за изнаоѓање на долготрајно и долгорочно решение за кризата“, додаде тој.
Турскиот премиер истакна дека имал продуктивен состанок со премиерката Хасина. Јилдирим го опиша Бангладеш како динамична земја, бидејќи е една од најбрзо растечките економии во светот.
Јилдирим истакна дека со премиерката разговарал за начините на кои Турција може да придонесе кон растот и развојот на Дака.
Тој додаде дека размениле мислења не само за економските и трговските односи, туку и за односите во областата на културата и образованието.
Премиерката на Бангладеш, Шеик Хасина, исто така рече дека имале многу плодна дискусија за билатералните и меѓународните прашања.
„Ја повторивме нашата заложба за блиска соработка и меѓусебна поддршка во однос на билатералните и меѓународните прашања од голема важност“, додаде таа.
Премиерката Хасина му се заблагодари и на турскиот претседател Ердоган за неговата поддршка на бангладешкиот народ и на Рохинџа муслиманите.