Ali Cura
28 Март 2018•Ажурирај: 29 Март 2018
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, изјави дека Русија, на протерувањето на руските дипломати од неколку земји-членки на НАТО и ЕУ, ќе одговори во согласност со своите интереси, кога ќе дојде време за тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што тој изјави, „Обвиненијата насочени против Русија не се потпираат на ништо, ниту имаат докази.“
„Кога ќе дојде време за тоа, ќе биде одговорено. Сè ќе биде преземено на начин, кој ќе биде во интерес на Русија“, изјави Песков.
Тој истакна дека Меѓународната заедница и Русија не се спротивставени.
„Пред сè, 20 или 30 земји се само дел од Меѓународната заедница. Меѓународната заедница се состои од уште многу различни земји. Како второ, меѓу земјите кои се солидаризираат со Велика Британија, постојат оние кои сметаат дека аргументите со сериозни обвиненија упатени од Лондон кон Москва, се слаби и недоволни“, додаде Песков.
Поранешниот руски агент, 66-годишниот Сергеј Скрипал, и неговата 33-годишна ќерка Јулија, неодамна беа пронајдени без свест во англискиот град Салсбери и беа згрижени во болница. Велика Британија ја обвини Русија за труење на Скрипал, што рускиот претседател Владимир Путин категорично го негираше.
Официјален Лондон тврди дека нападот е извршен со употреба на нервниот отров „Новичок“, кој Советските сили го користеле во Втората светска војна.
САД, по скандалот протераа вкупно 60 руски дипломати и наредија затворање на рускиот Конзулат во Сиетл. Австралија, исто така, протера двајца руски дипломати.
Вкупно 19 членки на ЕУ донесоа одлука за протерување на руските дипломати и солидаризирање со Велика Британија. Белгија, Молдавија и Ирска се земјите кои меѓу последните го сторија овој чекор.
И НАТО вчера поништи акредитации на седум руски дипломати и го одби барањето за издавање акредитации на тројца нови претставници на Москва.