Besar Ademi
18 Август 2016•Ажурирај: 19 Август 2016
СКОПЈЕ (AA) - На централната свеченост што се одржа во просториите на Министерството за одбрана на Република Македонија, по повод 18 август – Денот на Армијата на Република Македонија (АРМ), претседателот на државата Ѓорге Иванов посочи дека АРМ досега ја има оправдано довербата на граѓаните, но и на своите партнери, што се потврдува со борбата против кризата со бегалците и со неодамнешните поплави што го зафатија регионот на Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов во своето обраќање пред присутните истакна дека со оглед на мигрантската и финансиската криза во Шенген зоната и честите терористички напади коишто ја зголемија безбедносната криза, земјите од Балканот потребно е да си бидат меѓусебна поддршка, а не да бидат блокирани.
„Денес, во Европа, храброста е скапа и ретка. Македонија покажа дека има храброст да се соочи со заканите. Додека НАТО и Европската Унија тешко се справуваа со мигрантската криза и со обезбедувањето на границите, Македонија покажа дека има капацитет да се справи со заканата. Клучна улога во овој потфат имаше и сѐ уште има Армијата на Република Македонија. Не само што го зачува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на државата, туку ја зацврсти националната безбедност и сигурноста на своите граѓани“, рече Иванов.
Иванов истакна дека дури и во овие сложени геополитички услови, ние сме сведоци на неодговорни блокирања на членството на Македонија во НАТО. „Сепак“, додаде тој, „Македонија нема да се предаде и не само што ќе продолжи да се залага за евроатлантските интеграции, но ќе ги продолжи мировните мисии“, кои според него овозможија да се докажат оперативните способности на АРМ.
Во меѓувреме, министерот за одбрана Зоран Јолевски рече дека со неколкугодишното учество на АРМ во меѓународните мисии за поддршка на мирот, Македонија беше формирана како одговорен член на меѓународната заедница, кој дава значаен придонес кон градењето на мирот и стабилноста во светот.
„Македонија својата иднина ја гледа како интегрирана во НАТО и во Европската Унија, цели за кои има силна јавна поддршка и целосен политички консензус. Нашата земја останува целосно посветена на преземање одговорност која произлегува од идното членство во алијансата“, рече Јолевски.
Тој најави дека следната година тие планираат да продолжат да ја поддржуваат АРМ во меѓународните мисии. Јолевски вели дека ова е доказ оти Македонија е партнер на меѓународната заедница, но, како што рече, и припадниците на АРМ во овие мисии добиваат одлични вештини.
Претседателот Иванов за придонесот и поддршката за одржување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на земјата, им додели признанија за воени заслуги на баталјонот на воената полиција и на инженерскиот баталјон на Армијата на Република Македонија.
18 август оваа година беше одбележан на симболичен начин поради трагичните настани од поплавите во регионот на Скопје, во кои загинаа 22 лица, и предизвикаа огромна материјална штета. На овој настан присуствуваа министри од Владата, Собранието, претставници на верските заедници, како и претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија.