Hussein Mahmoud Ragab Elkabany,Gülşen Topçu
31 Август 2018•Ажурирај: 01 Септември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Светската унија на исламски научници (IUMS) упати повик до ОН, случајот на злосторствата врз араканските муслимани во Мјанмар да се пренесе на Меѓународниот кривичен суд (ICC), јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од IUMS е наведено дека Унијата за време на последните шест години го следи она со што се соочени муслиманите од Аракан, а станува збор за кршење на меѓународните права, убивање и геноцид.
Нагласено е, исто така, дека муслиманите од Аракан денес се најзагрозен народ во светот, и дека ги поддржуваат претходните одлуки на независната комисија на ОН за злосторствата извршени во Мјанмар.
IUMS ги повика ОН овој случај што побрзо да се пренесе на Меѓународниот кривичен суд, и меѓународната заедница да изврши притисок врз мјанмарската Влада.
Истражителите на ОН на 27 август побараа водечките генерали на мјанмарската Војска да се процесуираат за геноцид врз Рохинџа муслиманите, со што вниманието на јавноста повторно е насочено кон припадниците на тоа малцинство кое е изложено на повеќегодишно систематско насилство и кон протераните што престојуваат во камповите без услови во соседен Бангладеш, каде што водат борба за прежувување.
Според последните податоци на ОН, од Мјанмар во изминатите 12 месеци во Бангладеш побегнаа најмалку 700.000 Рохинџа муслимани. Поголемиот дел од нив се жени и деца, а „Амнести интернешнал“ тврди дека станува збор за бројка од 750.000 пребегнати.
Во Аракан во 70-тите години од минатиот век живееја околу два милиони Рохинџа муслимани, а претпоставките се дека сега на тоа подрачје живеат помалку од 300.000.
Меѓународните организации за заштита на човековите права во изминатиот период објавија сателитски снимки на кои се гледа како во налетот на мјанмарската Војска се запалени повеќе од 350 муслимански села во Аракан.