Meryem Göktaş
02 Септември 2018•Ажурирај: 02 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес порача дека Турција е одлучна во јакнењето на функционирањето на независното и непристрасно правосудство, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, во порака по повод завршувањето на колективниот годишен одмор и утрешниот почеток на новата работна година во правосудството, нагласи дека функционирањето на независното и непристрасно правосудство е од клучна важност за зачувување на единството и мирот меѓу луѓето.
Тој потсети на неуспешниот обид за воен удар кој го изведе терористичката организација ФЕТО на 15 јули 2016 година, и додаде дека тоа покажало оти терористите го злоупотребиле правосудството како орудие за остварување на нивните мрачни терористички цели.
„Сите службеници во правосудството секогаш мора да бидат на страната на владеењето на правото. Претседателскиот систем на управување во Турција ќе придонесе за јакнење на независноста и непристрасноста на правосудните институции“, порача Ердоган.
Тој додаде и дека турскиот народ, познат по својата праведност, низ историјата изградил моќни држави.
Турскиот претседател му оддаде посебна почест на државниот обвинител Мехмет Селим Кираз, кој беше убиен во својата канцеларија во Истанбул, во напад кој го изведоа терористите на радикалната левичарска група ДХКП-Џ.