Ekipa
20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
БЕРЛИН (АА) - Шефот на германската Сојузна криминалистичка полиција денес изјави дека постои можност одговорните за синоќешниот напад во Берлин да се сѐ уште на слобода, пренесува Anadolu Agency (AA).
По синоќешниот напад со камион на Божиќниот панаѓур во центарот на Берлин, каде што загинаа 12 лица, а 50 беа повредени, шефот на германската Сојузна криминалистичка полиција Холгер Мјунх во своето обраќање до медиумите рече: „Кратко откако камионот застана во толпата луѓе што ги покоси, полицијата утврди дека станува збор за возило со полски регистарски таблички. На совозачкото седиште е пронајдено едно безживотно тело, исто така, од Полска“.
Полицијата уапси едно лице за кое се смета дека било на седиштето на возачот.
Според Мјунх, властите сѐ уште не се сигурни дека е уапсен возачот на камионот, бидејќи не е пронајден пиштолот со којшто е убиен совозачот, и дека не се знае колку луѓе се вклучени во целиот напад.
„Од тие причини, истрагата ја водиме во сите насоки“, рече Мјунх.
Како што рече тој, шестмина од 12-те загинати на панаѓурот се државјани на Германија, но не е потврдено од која националност се останатите жртви.
И германскиот обвинител Питер Франк изјави дека сè уште нема потврда дека е притворен вистинскиот сторител.
Тој синоќешното случување го окарактеризира како терористички чин, додавајќи дека никој не ја преземал одговорноста за нападот.