Tayfun Salcı
30 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
ЛОНДОН (АА) - Британската министерка за внатрешни работи, Амбер Руд, синоќа поднесе оставка откако беше обелоденето дека на Парламентот му давала неточни информации, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, ја прифати оставката на министерката Амбер Руд, која на Парламентот му испраќаше неточни информации за спроведувањето на депортацијата на мигрантите.
Руд се најде на удар на критиките од британската опозиција, откако беше откриено дека Министерството за внатрешни работи присилно ги протерувало работниците кои во Велика Британија дошле од поранешните британски колонии.
Таа во првобитниот исказ пред Парламентот изјави дека немала сознанија за протерувањето мигранти, а потоа беше утврдено дека сепак протерувањата биле извршени со нејзина наредба.
Руд е четвртиот британски министер кој поднесе оставка од ноември минатата година, а до неодамна важеше како сериозен кандидат за лидер на владејачката Конзервативна партија.