Nuran Erkul
14 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
АНКАРА (АА) - Првиот турски интегриран објект за производство на соларни панели ќе биде изграден во индустриското подрачје Башкент, лоцирано во Анкара, со церемонија планирана за ноември, изјави раководителот на енергетската група „Kalyon Holding“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Kalyon Holding“ заедно со јужнокорејскиот конзорциум „Hanwha Q-Cell на 20 март го доби тендерот за најголемиот турски проект за соларна електрана – проектот Карапинар за обновливи извори на енергија, во областа Карапинар во Коња, централна Анадолија во Турција.
Конзорциумот е одговорен за изградба на објект за производство на соларни панели од 500 мегавати и соларна електрана со капацитет од 1.000 мегавати.
„Во тој контекст, фабриката за производство на соларни панели ќе биде изградена во индустриската зона 'Башкент' во Анкара“, изјави раководителот на енергетската група „Kalyon Holding“, Муртаза Ата за АА.
Тој изјави дека по церемонијата во ноември, фабриката ќе започне со производство на првите панели на крајот од 2018 година.
Фабриката треба да исполни 60 отсто од локалниот производствен капацитет во текот на првата година додека процентот би требало подоцна да се зголеми на 70 отсто.
„Иако првично капацитетот на фабриката ќе биде 500 мегавати, ние направивме план за да го зголемиме капацитетот на 1.000 мегавати“, изјави Ата.
- Ќе бидат вработени 1.000 инженери и техничари -
Тој изјави дека околу 450 милони долари ќе бидат инвестирани во интегрираниот објект, кој ќе вклучува производство на ingot/wafer, соларни ќелии и панели.
Инвестицијата во соларната електрана со капацитет од 1.000 мегавати ќе биде во вредност од приближно 1 милијарда долари.
Ата исто така нагласи дека во фабриката ќе бидат вработени околу 1.000 инженери и техничари, заедно со 100 инженери во Центарот за истражување и развој (R&D).
Во рамките на тендерот е предвидено 80 отсто од инженерите во Центарот за истражување и развој да бидат од турско потекло.
„Планираме првата електрична енергија од соларната електрана во Карапинар да ја произведеме во првиот квартал од 2019 година“, изјави Ата.
- Соларната електрана ќе снабдува 600.000 домаќинства -
Конзорциумот „Kalyon-Hanwha“ ја доби тендерската понуда за изградба на соларна електрана во Карапинар по цена од 0,0699 американски долари за киловат-час. Продажната цена на електричната енергија ќе важи 15 години.
Тендерот, во кој учествуваа четири конзорциуми, беше спроведен на обратна аукција, со максимална цена за мегават од 0,08 долари.
„Соларниот проект ќе ги задоволи енергетските потреби на повеќе од 600.000 домаќинства“, изјави Берат Албајрак, турскиот министер за енергија и природни ресурси.
Електраната ќе произведува 1,7 милијарди киловат-часови електрична енергија.