Furkan Naci Top
24 Ноември 2016•Ажурирано: 25 Ноември 2016
АТИНА (АА) - Во Грција, илјадници работници меѓу кои административци, учители и лекари, организираа марш против политиката за штедење, јавува Anadolu Agency (AA).
Над 3 илјади лица учествуваа во демонстрациите по повикот на Федерацијата на јавни работници на Грција (АДЕДЕЈ) и Фронтот за работничка борба. Демонстрантите маршираа кон плоштадот „Синтагма“, каде што се наоѓа Собранието.
Маршот го поддржаа студенти, пензионери и неколкумина мигранти кои протестираа против економските политики и кратењата на платите од страна на грчката Влада.
Групата повика да се штитат синдикалните права. Во оваа насока, покрај јавните работници – членовите на АДЕДЕЈ, и пристанишните и здравствените работници започнаа 24-часовен штрајк.
Во текот на демонстрациите што се одржаа под строги безбедносни мерки, беше затворен и сообраќајот, а потоа демонстрантите се разотидоа мирно, без инциденти.
Слични демонстрации се одржаа и во големите градови како што се Солун, Патрас и Волос.
Во рамките на пакетот за спасување, грчката Влада продолжува да преговара со меѓународните кредитори во врска со мерките за штедење. Едно од барањата на кредиторите коешто стана тема на дискусии, предвидува ограничување на колективните договаре за работа.