Hajer M'tırı
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
ПАРИЗ (АА) - Европскиот парламент денес го одобри законот со кој се менува Шенгенскиот кодекс за границите (SBC) во обид да се зајакне безбедноста и да се намали можноста за влез на странски борци од надворешните граници на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Законот е одобрен со 469 гласа за, 120 против и 42 воздржани.
Според новиот закон, сите граѓани на ЕУ што заминуваат во трети земји систематски ќе бидат проверувани во базите на податоци при влез и излез од Унијата. Тоа значи дека уредбата ги обврзува државите-членки да ги спроведуваат проверките на сите лица што ги преминуваат надворешните граници на ЕУ во базите за украдени и изгубени лични документи, со Шенгенскиот информативен систем (SIS) и во останатите релевантни бази на податоци.
„Целта е дополнителните проверки да го олеснат утврдувањето на нечиј идентитет и дали лицата претставуваат безбедносна закана“, се вели во соопштението од Европскиот парламент.
Новиот закон е претставен од страна на Европската комисија во декември 2015 година, а Парламентот и Советот на Европа постигнаа договор околу новите правила на 5. декември 2016 година.
Законот ќе стапи на сила дваесет дена по објавата во „Службениот дневник“ на Европската Унија. Правилата од тој момент ќе бидат непосредно обврзувачки во поголемиот дел од државите-членки. Данска, Велика Британија и Република Ирска не се опфатени со овој закон.