Alaattin Doğru
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
ДАКАР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го посети Сенегал каде во престолнината Дакар во таа прилика се состана со претседателот на Сенегал, Маки Сал, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот во претседателската палата, Ердоган на прес-конференција изјави дека Турција и Сенегал имаат многу добри односи во сите области.
„Сенегал е пријателска земја за Турција, но и стратешки партнер. Нашата трговска размена во 2017 година прв пат надмина 200 милиони долари. Сега се приближивме на цифрата од 250 милиони. Оваа цифра додатно ќе ја зголемиме во наредниот период“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека со африканските земји сакаат да воспостават соработка која ќе се темели на принципите на почитување и партнерство на еднакви основи.
Тој истакна и дека двете земји во наредниот период ќе ja продолжат соработката во борбата против терористичката организација ФЕТО.
Инаку, турскиот претседател во Сенегал допатува со министри и дeлегација од над 150 турски бизнисмени.
Во рамките на посетата на оваа африканска земја ќе биде одржан и Економски форум на кој ќе учествуваат бизнисмените на двете земји.
Претседателот на Сенегал Сал во обраќање на новинарите изјави дека посетата на Ердоган додатно ќе ги зајакне односите на двете земји.
„Ќе ги интензивираме напорите за во наредниот период да ја продлабочиме соработката со Турција“, изјави Сал.
Тој потсети дека трговската размена меѓу Сенегал и Турција достигнала речиси 250 милиони долари.
„Таа цел ја остваривме. Сега вложуваме напори за додатно да ја зголемиме таа цифра“, изјави претседателот на Сенегал.
За време на состанокот на претседателите и делегацијата на двете земји потпишани се неколку договори за соработка, вклучувајќи ја соработката во областа на железницата и туризмот.
Ердоган пред доаѓањето во Сенегал ги посети Алжир и Мавританија. На крајот од посетата на африканскиот континент планирана е и посета на Мали.