Ekipa
26 Март 2018•Ажурирај: 26 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, отпатува во Бугарија каде што денес ќе се состане со лидерите на Европската Унија (ЕУ), а пред заминувањето порача дека полноправното членство во ЕУ и понатаму е стратешка цел на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Непосредно пред летот за Бугарија, Ердоган се обрати на новинарите на истанбулскиот аеродром „Ататурк“ и изрази надеж дека денешниот самит во Варна ќе биде корисен за решавање на проблемите во регионот и пошироко.
„На состанокот ќе разговараме за претходно постигнатите договори и нивната имплементација. На лидерите на ЕУ ќе им ги повториме нашите очекувања по прашањето на безбедносните и регионалните теми, како и очекувањата да се интензивира процесот на нашето пристапување и да се отстранат политичките и вештачките бариери на тој пат“, изјави Ердоган.
Нагласувајќи дека полноправното членство во ЕУ и понатаму е стратешка цел на Турција, Ердоган порача дека нема да дозволи недобронамерните кругови да бидат препрека за Турција во стекнувањето почит и заслужениот статус во ЕУ.
„Во согласност со нашата позиција, сила и активна улога во регионот и светот, ќе ги продолжиме разговорите со ЕУ“, порача Ердоган и додаде дека се контрапродуктивни изјавите на некои кругови од Европската Унија кои се косат со европските принципи и не доликуваат на сојузништвото.
На самитот на лидерите на Турција и Европската Унија (ЕУ) во Варна, со Ердоган отпатуваа и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за ЕУ, Омер Челик, министерот за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак, како и неколку турски парламентарци.