Admir Fazlagikj
21 Декември 2015•Ажурирај: 22 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик - 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија, соопштуваат од Кабинетот на Претседателот Иванов, пренесува Anadolu Agency (AA).
" Честитајќи ви го денешниот празник, сакам да го истакнам значењето на образувањето на мајчиниот јазик, кое е важно во негувањето на основните обележја на еден народ. Тоа го јакне и го зачувува националниот и културен идентитет, овозможувајќи им на нашите сограѓани да ги негуваат своите културни и верски традиции. Република Македонија претставува раскошен мозаик во кој живеат различни народи кои зборуваат на различни јазици и живеат различни култури. Живееме заедно, градејќи заедничка иднина на соживот, еднаквост и почит" , се наведува во честитката на Иванов по повод Денот на наставата на турски јазик- 21 декември.
"Во оваа пригода би сакал да истакнам дека високо го цениме придонесот кој турската заедница го дава за развојот на земјава. Несомнено најдобрите амбасадори се токму луѓето кои години наназад живеат и работат како лојални граѓани на Република Македонија. Турската заедница е значаен дел од македонското мултиетничко општество кое се темели на доверба и заедништво. Република Македонија гледа голем пријател и сојузник во Република Турција" , пишува во честитката.
Претседателот Иванов, во честитката помеѓу останатото ги истакнува и добрите културни и економски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција.
"Отворената и постојана политичка поддршка меѓу двете земји влијае на развојот на добрите културни и економски односи. Затоа сведочат голем број реализирани проекти и инвестиции во различни области. Честитајќи ви го одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик, сакам да ви порачам дека заеднички ќе продолжиме да придонесуваме во продлабочувањето на добрите односи меѓу двете пријателски земји, градејќи просперитетна иднина за сите граѓани на Република Македонија" , се наведува во честитката.