Mohamed Sabry Emam Muhammed
04 Август 2018•Ажурирај: 05 Август 2018
ЕРУСАЛИМ (AA) – Израелските поморски сили во текот на ноќта запленија брод со хуманитарна помош на границата со блокираниот Појас Газа, соопштија од Војската на Израел во саботата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Војската се наведува дека бродот пловел од Европа за Појасот Газа со намера да ја пробие поморската блокада која е поставена на влезот во Појасот Газа. Бродот, кој превезувал хуманитарна помош, спроведен е на пристаништето Асхдод.
Минатата недела израелските сили пресретнаа хуманитарен брод кој се приближувал до брегот на Појасот Газа, кој бил дел од флотилата од двата брода што ја организираше коалицијата „Слободна флотила“, со намера да ја пробие 11 години долгата блокада на Појасот Газа.
Според Канцеларијата на Обединетите нации за координација со хуманитарни активности (UNOCHA), до крајот на 2016 година, речиси 2 милиона жители на Појасот Газа зависеа од меѓународната помош за да преживеат, додека речиси половина од семејствата немаа пристап до залихите за храна.
Веќе осум години коалицијата „Слободна флотила“ покренува кампања за пробивање на израелската блокада, која ја уништи економијата на Појасот Газа и на населението му оневозможи пристап до основните потреби.
Израелските командоси на 31 мај 2010 година убија 9 турски активисти во конвојот на бродовите „Мави Мармара“ во меѓународните води. Конвојот беше дел од коалицијата „Слободна флотила“ и патуваше кон Појасот Газа за да испорача хуманитарна помош.