Haydar Hadi
27 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
БАГДАД (АА) - ХАЈДАР ХАДИ -
Јалман Хаџероглу, генерален директор на ТВ-каналот „Туркменели“, со седиште во ирачкиот град Киркук, во врска со снимките во кои се забележува присуството на терористичката организација ПКК во Синџар, рече дека нивната цел е откривање на вистините, кои ќе ги покажат на некои ирачки власти кои не сакаат да веруваат во она што го кажува Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред терористичката организација ПКК да го напушти Синџар во близина на Мосул, ТВ „Туркменели“ ги сними камповите на ПКК во кои вршела активности, и во веста што ја објави, даде шокантни информации околу присуството на оваа организација во ова место, како и за бројот на терористите.
Генералниот директор на ТВ „Туркменели“, Хаџероглу, во изјава за АА во Багдад, ги раскажа деталите околу процесот на снимање кое го извршиле под тешки услови, како и за присуството на терористичката организација во Синџар.

Хаџероглу, нивниот новинарски успех кој зазеде големо место во ирачките и турските медиуми, го опиша како национална обврска и одговорност за пренесување на вистината до јавноста.
Хаџероглу нагласи дека обуките и другите активности на ПКК во Синџар биле скриени од јавноста. „Со еден камерман разговарав околу снимањето на присуството на ПКК во Синџар, и тој го прифати тоа. Припадниците на ПКК во Синџар, по едночасовно испрашување дозволија камерманот да снима“, додаде тој.
- „Нашата цел беше да ја покажеме вистината“ -
Истакнувајќи дека некои власти во Ирак не верувале оти постои присуство на ПКК во Синџар, Хаџероглу рече дека постапиле на овој начин за да ја покажат вистината на целиот свет.
„Најпрвин нашата цел беше информирање на ирачката јавност и откривање на вистината. Целта беше да ја покажеме вистината на некои Ирачани кои не сакаа да веруваат кога Турција велеше дека 'Тука (во Синџар) постои присуство на ПКК'. По нашата вест за ПКК, повеќе ирачки претставници беа информирани околу присуството на терористичката организација таму“, нагласи Хаџероглу.
Како што рече Хаџероглу, во снимките јасно се забележуваат бројни платна со симболи на ПКК во центарот на Синџар. Според него, она што привлекува внимание е дека до овие платна со симболи на ПКК стоеле знамиња на Ирак.
- „Според нашите снимки, ирачкиот претставник го призна присуството на ПКК во Синџар“ -
Потсетувајќи дека за првпат ги снимиле камповите на ПКК во Синџар, Хаџероглу рече дека во разговор со еден од терористите таму, откриле дека нивната бројка е 3.000, и дека постојат голем број воени советници кои ги обучувале нив.
„Снимките кои ги снимивме, ги објавивме на турски и арапски јазик. Тие зазедоа големо место на ирачките медиуми. Според нашите снимки, претседателот на Градското собрание на Мосул го призна присуството на ПКК во Синџар“, нагласи тој.
- „ТВ Туркменели претходно го сними и присуството на ПКК во Киркук“ -
Хаџероглу потсети дека претходно го снимиле и објавиле присуството на терористичката организација ПКК во Киркук, и во јужниот дел на градот. Според него, тоа го реализирале под многу тешки услови, и добиле бројни закани.
- „ПКК се повлече во Ханесур. Операцискиот центар во Синџар сè уште постои“ -
„Според информациите кои ги добивме од нашите извори во Мосул, терористите на ПКК кои го напуштиле местото, се повлекле во подрачјето на Ханесур, кое се наоѓа меѓу границата на Ирак, Сирија и Турција. Според нашите локални извори, зградата на операцискиот центар на терористичката организација во Синџар сè уште постои, а терористите сè уште не ја напуштиле зградата“, истакна Хаџероглу, генералниот директор на ТВ каналот „Турменели“, во изјава за АА.