Ekipa
09 Март 2016•Ажурирај: 10 Март 2016
ТЕХЕРАН (АА) - Иран утринава испалил две балистички ракети дизајнирани да можат да го погодат Израел, што е најнов обид за демонстрација на сила на Исламската Република како одговор на посетата на американскиот потпретседател Џо Бајден на Израел, јавуваат ирански медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
На ракетите кои ги испалил Иран денес, стоел натписот „Израел мора да биде избришан”. Такви пораки Иран испраќал и претходно, но најновите тестирања на балистички ракети уследија откако таа земја неодама потпиша нуклеарен договор со светските сили, вклучувајќи ги и САД.
Сè уште нема пристигнато реакција од Ерусалим, каде што е планирано американскиот потпретседател Бајден да одржи состанок со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој силно се противеше на нуклеарниот договор.
Иранската новинска агенција „Фарс” јавува дека двете ракети се истрелани во рамките на воената вежба од територијата на северниот дел на Иран и погодиле мети во југоисточниот дел на земјата, оддалечени 1.400 километри.
Американската Петта флота која врши патроли на тоа подрачје одби да ги коментира утринските тестирања.
Иранските балистички ракети со среден домет дизајнирани се да можат да го погодат Израел, изјави по тестирањето командантот на ракетната единица на Револуциоинерната гарда, Амир Али Хаџизаде.
„Причината поради којашто ги направивме нашите ракети со домет од 2.000 километри е да покажат дека можеме да му се спротивставуваме на ционистичкиот режим. Израел е опкружен со исламски земји и нема долго да опстане во услови на војна. Ќе пропадне и пред да биде погоден со овие ракети”, рече Хаџизаде, пренесуваат тамошните медиуми.
Техеран и вчера соопшти дека иранските вооружени сили извеле нови тестирања на балистички ракети со цел да демонстрираат „моќ на заплашување и подготвеност на земјата да ги употреби сите расположливи средства во соочувањето со заканите” кои се вперени, како што е речено, против територијалниот интегритет на Иран.
Вашингтон во јануари воведе нови санкции кон Иран поради неговата ракетна програма, набрзо по укинувањето на санкциите кон Техеран во однос на иранската нуклеарна програма.