Nuran Erkul Kaya
23 Март 2018•Ажурирај: 24 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Ако не се преземат потребните мерки, климатските промени до 2050 година можат да принудат 143 милиони лица да мигрираат во внатрешноста на земјите во Јужна Азија, Супсахарска Африка и во Латинска Америка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Светската банка го објави Извештајот насловен како „Ненадеен раст: Подготовка за внатрешни климатски миграции“, во кој се објавени резултатите од проучувањето на влијанието на климатските промени врз миграциите.
Во Извештајот се наведуваат влијанијата на климатските промени врз внатрешните миграции во Супсахарска Африка, Јужна Азија и Латинска Америка.
Според извештајот, до 2050 година, 143 милиони лица, од кои 86 милиони од Супсахарска Африка, 40 милиони од Јужна Азија и 17 милиони од Латинска Америка, можат да бидат принудени да мигрираат од регионите во кои, како резултат на климатските промени е зголемено морското ниво и постои недостиг од вода и земјоделски производи, во поповолни региони, во внатрешноста на земјите.
Во Извештајот се вели дека влијанието на климатските промени ќе биде забележано најмногу во сиромашните земји. Според Извештајот, за спречување на внатрешната миграција, од суштинско значење е намалување на емисиите на стакленичките гасови, како и преземање потребни чекори за развојот на овие региони.
Со мерките што може да се преземат, внатрешната миграција може да се намали до 80 отсто.
- „Имаме малку време за да се подготвиме за оваа нова вистина“
Во Извештајот е вклучено и мислењето на главната извршна директорка на Светската банка, Кристалина Георглева, која истакна дека климатските промени, секој ден, сè повеќе се претвораат во значајна закана за земјите и луѓето.
Таа нагласи дека климатските промени ги принудуваат луѓето да мигрираат во подобри и порезистентни места. „Бројот на лицата кои мигрираат може да се намали со мерките кои се преземаат од глобален и од национален аспект. Ние имаме малку време за да се подготвиме за оваа нова вистина, пред да се продлабочуваат нејзините влијанија“, рече таа.