Büşra Selvi Öğütcen
07 Мај 2017•Ажурирај: 08 Мај 2017
КВЕТА (АА) - Пакистанската војска уништи пет контролни пунктови на авганистанските вооружени сили во пограничниот појас, при што загинаа речиси 50 авганистански војници, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералот на пакистанската армија, Надим Ахмад, ја потврди информацијата дека пакистанските сили утринава уништиле пет авганистански контролни пунктови во пограничниот појас.
Во операцијата се убиени речиси 50 авганистански војници, а загинаа и двајца припадници на пакистанската војска.
Пакистан и Авганистан граничат долж гранична линија долга 2.400 километри која се нарекува Линијата на Дуранд. Воспоставена е со договорот помеѓу британската колонија на Индија и Авганистан во 1893 година. Договорот го потпишаа британскиот гувернер во Индија, Мортимер Дуранд, и тогашниот авганистански лидер Абдур Рахман Кан. Владата на Авганистан никогаш официјално не ја призна таа линија на разграничување.
На границата меѓу Пакистан и Авганистан постојат вкупно 18 гранични премини, од кои најпрометни се оние во Торкам и Чаман, а пакистанските власти најавуваат дека ќе подигнат ограда долж границата. На кризата во пограничниот појас претходеа низа терористички напади во Пакистан, вклучувајќи го и нападот на суфиското турбе во кој загинаа најмалку 90 лица.