Admir Fazlagikj
24 Декември 2015•Ажурирај: 25 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - "Во текот на овој месец од страна на СВР Скопје-Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, полициските станици од општа надлежност „Центар“ и „Бит пазар“, како и Единицата за прв одговор и интервенција „АЛФА“, превземени се мерки и активности за сузбивање на недозволена трговија со експлозивни материи (петарди и други пиротехнички средства), при што се запленети вкупно 26.849 парчиња пиротехнички средства, за што согласно член 396 од КЗ на РМ, ќе бидат поднесени кривични пријави против две лица од Скопје, а согласно Законот за заштита од експлозивни материи, член 69 став 4, поднесени се четири Барања за поведување прекршочна постапка против исто толку лица од Скопје" , соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, пренесува Anadolu Agency (AA).
"Од страна на Едниницата за недозволена трговија, по претходно изработен План за преземање на мерки и активности за сузбивање на препродажба на експлозивни материи (петарди и други пиротехнички средства) реализирани се две кривични дела “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ при што се пронајдени и одземени вкупно 23.100 парчиња пиротехнички средства" , пишува во соопштението од МВР.
Во првиот случај кај А.И. (59) од Скопје, при извршен преглед и претрес на моторно возило на ул. „Славеј Планина“ пронајдени се и одземени вкупно 10.600 парчиња пиротехнички средства, додека во вториот случај М.М. (29) од Скопје е забележан при пренесување на пиротехнички средства во количка на ул. „Отокар Кершовани“ и по извршениот преглед, пронајдени се и одземени 12.500 парчиња различни видови на петарди и пиротехнички средства, информираат од МВР.