Besar Ademi
20 Октомври 2016•Ажурирај: 21 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите денеска во Скопје одржа прес-конференција на која беа претставени двете нови истраги под името „Топлик“ и „Тендери“, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека случајот „Топлик“ се однесува на основано сомневање за злоупотреба на службената должност при продажба на земјиште за изградба на „Сончев град“ во Скопје, додека пак случајот „Тендер“ се однесува на изведувањето градежни работи при изградбата на Музејот на ВМРО. Таа истакна дека првите луѓе на Министерството за транспорт и врски и на Министерството за култура на РМ, како и членовите на тамошните комисии за јавни набавки се осомничени за злоупотреба на службената должност и положба.
Но, веднаш по преставувањето на двете нови истраги од страна на СЈО, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска ги негираше тврдењата на СЈО, нарекувајќи ги „дел од однапред планирано сценарио во функција на политичка кампања со цел да се оцрни работењето на Министерството за културa“.
За вториот предмет, „Тендери“, Фетаи рече дека првоосомничено е раководното лице во Министерството за култура и тројца членови на тамошната комисија за јавни набавки, под сомнение дека ја злоупотребиле службената положба, како и дека за фирма прибавиле корист со нејзино фаворизирање за изведувањето завршни градежни работи на објектот на Музејот на револуционерната борба, за што биле исплатени 54.501.336 денари.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, на прес-конференција во Музејот на македонската револуционерна борба истакна дека не е виновна за обвинувањата што ги презентира СЈО и оти сѐ е работено според закон. Таа додаде дека работите во Музејот на ВМРО беа реализирани според законите.
„Сите изнесени обвинувања се неточни и енергично ги отфрлам во целост. Тврдам дека тезите на Фетаи се „рекла-казала“, со кои СЈО сака да стави дамка на моето работење и на Министерството за култура. Целиот проект е воден согласно законите. Сите проекти и сите постапки се работени според законите. Проектите се чисти како солза“, рече Канческа-Милевска.