Ivana Ramadanova
29 Март 2018•Ажурирај: 30 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Народниот правобранител, Иџет Мемети, на денешната прес-конференција го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Годишниот извештај за 2017 година е приказ на состојбата во општеството во поглед на степенот на почитувањето и остварувањето на човековите слободи и права, но и за тоа во која мера институциите во своето работење правилно и доследно ги применуваа законите и другите прописи, со кои им се гарантираат правата на граѓаните во различни сфери на општественото живеење.
Мемети истакна дека во државата постои селективна правда и дека партизираната и непрофесионална јавна администрација на централно, а посебно на локално ниво станува сериозна пречка за остварување на граѓанските права.
„Популистичките и неприменливите правни прописи дополнително го отежнува остварувањето на човековите слободи и права, лошиот систем на извршување го погодува најсиромашниот слој на граѓаните, а социјалната заштита е систем со кој не се надминува социјалниот ризик“, вели државниот омбудсман.
Тој истакна дека има подобрување во комуникацијата со извршната власт и јавната администрација, но за жал како што рече Мемети, нешто такво не може да се каже за судската власт, каде според него има влошување на соработката помеѓу државниот омбудсман и судовите.
„Минатата година, во работа имавме 4.185 случаи од кои отворивме постапка за 3.594 предмети, при што констатиравме повреди на човековите слободи и права во 1.137 случаи. Во 970 забелешки беа прифатени нашите интервенции од институциите, за 104 случаи постапката е во тек, а за 63 случаи беа отфлени нашите интервенции“, истакна Мемети.
Тој ја критикува јавната администрација и побара од министерот за администрација и информатичко опшество итно да пристапи кон порадикални и конкретни промени во овој систем, бидејќи како што нагласи, партиските вработувања во админисрацијата и натаму се присутни. На овој начин Мемети рече дека ќе се обезбеди стручна и ефикасна администрација ослободена од партиски влијанија.
Народниот првобранител информираше дека во текот на 2017 година полицијата пристапуваше непрофесионално, применувајќи двојни аршини во работата, со што ги потврди сомневањата за длабока партизираност на овој орган.
„Препорачувам Министерството за внатрешни работи да се издигне над партиските интереси и на ефикасен и професионален начин да ја извршува својата функција, во најдобар интерес на граѓаните. Јавното обвинителство не покажа сериозни намери за водење на ефективни истраги кое е сериозен проблем во Македонија, со што уште повеќе ја поткопува довербата на граѓаните во иснтитуциите. По поднесени 5 кривични пријави од наша страна за полициски службеници, само за една има обвинение, а другите се отфррлени“, истакна Мемети.
Народниот првобранител потенцираше дека неажурноста на управното судство и натаму е на товар на граѓаните, кои со години чекаат остварување на нивните права од социјалната и здравствената заштита, денационализацијата, даноците и слично, додавајќи дека особено загрижува тоа што судовите повеќе време трошат на комплетирањето на предметите, отколку на нивно решавање.
Социјалната помош, како што рече Мемети, за многу граѓани остана недостапна, поради недореченостите во законот, а лицата со посебни потреби и натаму се на маргините на општеството, иако станува збор за ранлива категорија на граѓани и лица во социјален ризик на кои државата треба да им посвети посебно внимание.