Admir Fazlagic
31 Март 2016•Ажурирај: 01 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на денешната прес-конференција соопшти дека официјално ја започна набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори во Македонија закажани за 5 јуни, јавува Anadolu Agency (AA).
Мисијата е предводена од амбасадорот Јан Петерсен и се состои од главен тим од 12 експерти од 10 земји членки на ОБСЕ со седиште во Скопје и 24 долгорочни набљудувачи кои следната недела треба да допатуваат во Македонија и кои ќе бидат распоредени низ целата земја во тимови по двајца.
Петерсен на денешната прес конференција во Скопје најави дека ОДИХР од земјите членки на ОБСЕ/ОДИХР побара да обезбедат 300 краткорочни набљудувачи кои во земјава ќе допатуваат неколку дена пред денот на одржување на изборите.
Амбасадорот Петерсен истакна дека ова ќе бидат 16-ти избори што ќе бидат набљудувани од 1998 година наваму. Претходно, мисијата на ОБЕ/ОДИХР ги набљудуваше претседателските и предремените парламентарни избори во 29014 година.
Амбасадорот Петерсен информираше дека денеска со средбата во МНР, а потоа и со состанок со членовите на ДИК, мисијата на ОДИХР ги започнала средбите со претставници неофицијалните државни институции, а ќе се сретнат и со кандидати, политички партии, припадници на граѓанското општество, медиумите и меѓународната заедница во земјава.

Помеѓу останатото, информираше дека во набљудувањето на изборите ќе им се приклучат и членови на Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа.
ОДИХР ќе објави два периодични извештаи во текот на својата работа. На прес конференција на денот по изборите ќе биде објавена изјава за првичните наоди и заклучоци, а конечниот извештај за набљудувањето ОДИХР очекува да биде објавен околу осум недели по завршувањето на изборниот процес.
Одговарајќи на новинарски прашање во врска со тоа како ќе постапи ОДИХР доколку изборите не се одржат на 5 јуни, Петерсен одговори дека мисијата во земјата е дојдена на покана на МНР и оти изборите се закажани за 5 јуни и засега нема причина да биде поинаку, но доколку се случи нешто и тоа ќе биде земено предвид.
"Изборите се закажани за 5 јуни, понатаму не навлегуваме и дејствуваме врз основа на претходно закажаниот датум, но доколку се случи нешто непредвидено и тоа ќе го земеме предвид, но од она што го имаме како инфомарција од партиите, датумот е 5 јуни", рече тој.
Амбасадорот информираше дека нема да бидат објавувани посебни извештаи за процесот на прочистување на Избирачкиот список и медиумите, но најави можно осврнување на состојбата со Избирачкиот список во првиот прелиминарен извештај за претстојните предвремени парламентарни избори.
Според зборовите на Петересен, ОДИХР ќе ја оценува усогласеноста на овие избори со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашните прописи.
Од ОДИХР искажаа уверување дека набљудувачите внимателно ќе ги следат регистрацијата на кандидатите и гласачите, активностите во кампањата, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива и нејзината имплементација и решавањето на изборните спорови. Како дел од набљудувањето мисијата исто така ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата.
На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите.
"Ние нема да ги коментираме изборите, ќе оставиме фактите да зборуваат сами за себе, ние ќе ги регистрираме само фактите, а потоа останува на институциите и партиите како ќе ги искористат овие податоци", истакна Петересен.