Ekipa
09 Септември 2018•Ажурирај: 10 Септември 2018
ИДЛИБ (АА) - Спасувачките екипи на Цивилната заштита во Идлиб („Бели шлемови“) го снимија вооружениот напад кој го претрпеле за време на спасувачката акција која ја спроведувaa за време на неодамнешните напади на руските и режимските сили во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Руските воздушни сили и силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад неодамна извршија жестоки воздушни напади врз населбите во Идлиб.
Волонтерите на „Бели шлемови“ први дојдоа напомош на загрозените цивили, но и самите тие станаа цел на нападот.
На објавената снимка се гледа како екипата на Цивилната заштита се обидува да го изгаси пожарот на еден погоден објект, а потоа станува цел на жестоки напади.
Снимката кај Кан Шејхун ја направил припадникот на „Бели шлемови“, Енес Дијаб, кој и самиот е ранет во тој напад.
На снимката се гледа како ги повикува колегите од Цивилната заштита да му помогнат и како сите се цели на нов оружен напад.
Жителите на крајот успеале да го евакуираат ранетиот волонтер на Цивилната заштита и да го однесат во болница.
„Бели шлемови“ е официјалниот назив на Цивилната заштита која во Сирија вбројува над 3.000 волонтери кои им помагаат на загрозените цивили во регионите зафатени во војна. За својата работа и храброст пред две години беа номинирани и за Нобелова награда за мир.
Станува збор за волонтери кои во изминатите 5 години од урнатите згради извлекоа и спасија 115.000 цивили. Особено се морничави снимките на нивното спасување на бебиња, кои често беа споделувани на социјалните мрежи.
Членовите на Цивилната заштита се обучувани во Турција, меѓу нив се и 230 жени. Досега во Сирија загинаа 255 припадници на „Бели шлемови“.
Руските воздушни сили на почетокот од неделата извршија напади врз западните и југозападните делови на Идлиб. Во тие напади се убиени најмалку 10, а ранети 20 лица.
Идлиб е сириска покраина која важи како најголемо упориште и енклава на сириската опозиција. Речиси 4 милиони жители на ова подрачје извесен период стравуваат дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад може да отпочнат нови напади.
Станува збор за подрачје од стратешко значење во кое евентуални нови судири би предизвикале нов бран бегалци кон Турција и Европа.
Со Договорот од Астана од 2017 година, подрачјето беше прогласено за зона без судири, но и покрај тоа е цел на воздушните напади од сирискиот режим, а повремено и од руските сили.