Besar Ademi
02 Април 2018•Ажурирај: 03 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Република Македонија се одржа првата конференција на Министерството за финансии, по повод 2 април, денот кога се одобри првиот буџет на независна Република Македонија, во 1992 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за финансии на Р. Македонија, Драган Тевдовски, на отворањето на конференцијата, на која присуствуваше и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и премиерот Зоран Заев, истакна дека овој ден, кој го нарече како ден со историско значење во градењето на државата, досега не е одбележан.
„Буџетот е еден од темелите на македонското општество. Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата. Од него зависат платите на наставниците кои во училиштата ги учат нашите деца, опремата што се користи во јавното здравство, поддршката за вработување на невработените лица, социјалната помош, поддршката за бизнисите да отвораат работни места и да инвестираат, како и многу други работи кои имаат директно влијае врз квалитетот на животот на македонските граѓани“, изјави министерот Тевдовски.
Во меѓувреме, претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање рече дека улогата на парламентот во текот на одобрувањето на буџетот и улогата како надзорник на трошењето на буџетот во современиот демократски свет се две начела според кои се оценува демократскиот капацитет на владејачката структура и, генерално, степенот на демократијата во една држава.
„Пред 26 години, кога е донесен првиот буџет на Република Македонија, покажавме пред домашната јавност, особено пред економските субјекти, но и на меѓународната јавност и на меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да го испланираме, да го донесеме, да го полниме и да го реализираме буџетот без кој не може да се замисли ниту една функција на државата”, рече Џафери.
Џафери, зборувајќи за улогата на Парламентот, ги спомена и настаните од 24 декември 2012 година, познат како „црн понеделник“, кога опозицијата поради спровтиставување на одобрувањето на буџетот беше присилно остранета од салата на Парламентот, како и настаните од 27 април 2017 година, кога насилни демонстранти влегоа во Собранието, како резултат на што беа повредени десетици пратеници, полицајци и претставници на медиумите.
Истакнувајќи дека нема да дозволи повторување на вакви настани, тој рече: „Сите извлековме лекција од овие настани и ја научивме историската лекција дека со насилство не се гради ниту демократија, ниту функционални институции.“
Од друга страна, премиерот Зоран Заев истакна дека при формирањето на актуелната влада на Р. Македонија се ангажираа да ја базираат нивната работа на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни институции кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.
„Низа истражувања спроведени од страна на домашни и меѓународни граѓански организации како и меѓувладини организации евидентираат дека концептот на отворена влада во Р. Македонија беше занемарен, а транспарентноста на институциите значително запоставена. Затоа, во рамките на својата програма за работа и врз основа на високите реформски документи, како што се Планот 3-6-9, актуелната влада реализираше пакет активности кои се насочени кон транспарентност, отчетност и одговорност“, изјави премиерот Заев.
Конференцијата под називот „Управување со јавните финансии и економски раст - комплементарни или спротивставени”, беше поделена во неколку панели за дискусија, на коишто присуствуваа поранешни министри за финансии на Република Македонија, како и експерти во оваа област.