Ivana Ramadanova
08 Март 2016•Ажурирај: 09 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележување 10 години од донесување на Законот за еднакви можности на жените и мажите „Финансирање за родова еднаквост и Агендата 2030“, денеска во Скопје беше одржана национална конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата присуствуваше министерката за труд и социјала, Фросина Ременски која во својот говор се осврна на клучните стратешки документи коишто Македонија е обврзана да ги почитува, истакнувајќи ја заложбата за продолжување на политиките кои што одат во прилог на женските права.
„Афирмиравме многу повеќе од она што е реална политика за грижа за женските права со нотирање на повеќе прашања на коишто дополнително треба да се обрне внимание, а тоа се прашањаата за неплатената прекумерена работа, пред сè на текстилните работнички, правата на жените за тие да одлучуваат за бројот на родени деца, потребно е поголемо синдикално афирмирање и акцентирање на прашањата за родов аспект, како и флексибилното работно време оние кои имаат малолетни деца", изјави министерката Ременски.
Таа порача ова да не биде единствен ден во годината кога се потсетуваме на правата на жената, туку секој ден да се зборува за подобри права на македонските граѓани, независно од нивната етничка, верска, политичка и полова припадност.
Според Луиза Винтон, Постојана координаторка на Обединетите Нации, најголемиот предизвик којшто постои во Македонија е да се намали јазот меѓу правната, нормативната и реалната состојба.
„Друга многу важна работа е фактот што постои разлика од 18 или 19 проценти во платите меѓу мажите и женит, кои што ја извршуваат истата работа. Постои и јаз од 30 проценти во учеството на пазарот на трудот меѓу мажите и жените. И она што е најголем проблем во државата е тоа што жените извршуваат поголем дел од работата, односно чуваат деца или стари лица”, рече Винтон.
Винтон изјави дека е потребно да се насочат финансиски средства кон подобрување на оваа ситуација, нагласувајќи дека треба да се изнајдат средства кои би се ориентирале кон основање на повеќе институционални можности, преку кои би се овозможила грижа за децата и старите луѓе.