Sevil Çelik
08 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим денес ги посети ранетите од вчерашниот терористички напад во квартот Везнеџилер во центарот на Истанбул, во којшто животот го загубија 11 лица, а 36-мина беа повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за новинарите премиерот на Турција го осуди и терористичкиот напад кој утринава се случи во Мардин. Најмалку три лица загинаа, а повеќемина се повредени во терористичкиот напад којшто утринава го изведоа терористите на ПКК врз Дирекцијата на полицијата во Мидјат, Мардин.
„Денеска е изведен нов бомбашки напад врз полициска зграда во Мидјат. Експлозијата била исклучително силна и благодарение на Господ и поставените бариери, спречена е поголема трагедија. Има многу ранети, околу 30-тина. За жал, потврдено е дека животот го загубиле три лица, еден полицаец и двајца цивили“, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим.
„Мојот народ нека знае дека Република Турција е силна држава и дека турскиот народ е еден и единствен. Никогаш, никој нема да го загрози нашето единство и да ја обесхарбри нашата земја од борбата за слобода и правда", порача турскиот премиер Јилдирим.
Тој нагласи дека турските сили за безбедност ќе ја продолжат борбата против тероризмот, без разлика на тоа дали тие се кријат по градови или по планини.
„Ќе ја продолжиме борбата и против терористите и против оние кои одвнатре и однадвор ги поддржуваат и се кријат зад нив", рече Јилдирим.
Припадници на терористичката организација ПКК утрово со автомобил-бомба изведоа терористички напад пред полициската дирекција во Мидјат, од провинцијата Мардин. Нападот се случи ден по терористичкиот напад, кој исто така со автомобил-бомба беше изведен во центарот на Истанбул.
На новинарското прашање дали се знае која терористичка организација го извела вчерашниот напад во истанбулскиот кварт Везнеџилер, турскиот премиер изјави дека и зад вчерашниот напад стои ПКК.
„Организацијата на убијци - ПКК. Тоа не нè изненади, но полека се стеснува обрачот околу нив. Ќе ја продолжиме борбата против нив и во градовите и по планините", соопшти премиерот на Турција, Јилдирим.