Sertaç Bulur
14 Февруари 2017•Ажурирај: 15 Февруари 2017
АНКАРА (АА) – Тимовите за борба против тероризмот извршија акции против терористичката организација ПКК/КЏК во 37 области во Турција, во кои беа приведени 834 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Генералната дирекција на полицијата се вели дека високите челници на терористичката организација ПКК/КЏК дале инструкции да се вршат интензивни акции во периодот пролет-лето, почнувајќи од 15 февруари, годишнината од донесувањето во Турција на терористичкиот лидер Абдулах Оџалан, кој беше фатен во главниот град на Кенија, Најроби.
Во ова соопштение се вели дека од припадниците на терористичката организација е побарано да извршат вооружени акции во местата како Сур, Џизре, Силопи, како и во Нусајбин. Генералната дирекција на полицијата вчера и завчера изврши истовремени акции со цел да се спречат акциите на терористичката група, како и да се откријат нивните врски и контакти.
Во извршените акции против терористичката организација ПКК/КЏК во 37 области, приведени се 834 лица, а запленети се 2 автоматски пушки „калашников“, 11 пиштоли, 15 ловечки пушки, 437 парчиња муниција од различен калибар, 3 шаржери, едно воки-токи, многу документи на организацијата, како и дигитални материјали.
Во соопштението се вели дека ќе продолжи борбата против секоја терористичка организација којашто има цел да го наруши мирот и безбедноста на Турција.